vasko-graca-died

photo: publico.pt

Со жалење ја примивме веста дека вчера, на 27 Април, по долго и тешко боледување почина познатиот португалски поет, раскажувач, есеист, драматург, хроничар, преведувач – Васко Граса Моура, добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2004 година.

Роден е во Порто на 3. јануари, 1942 година. Студирал право и бил значајна фигура во јавниот и политичкиот живот на Португалија и Европа. Раководел со најреномираните институции во Португалија, од националната телевија, до институции од областа на културата и уметноста. Но покрај овој дел од неговиот живот, преку своето творештво се вбројува меѓу најреномираните современи португалски поети.

Водејќи се од поетичкиот принцип дека сè може да биде преобразено во литература, неговите песни се обид за поетска трансфигурација на баналното. Поезијата преку интелектуалноста и култивирана перцепција тежнеат кон книжевна коверзија на стварноста. Неговиот препознатлив „опуштен“ стил ќе прерасне во особена „наративна поезија“, која многу често претставува своевиден излив на лирското, естетизирана колоквијалност, преку која тој прозаичен стил ги содржи сите стилови, па дури и го рециклира и инкорпорира и техничкиот речник на Западот. Стихот станува израз на искуството, на меморијата, на минливата емпирија низ една лична, биограска емфаза. Некои песни се медитативни екфрази на уметноста и музика, други се инспирирани од историски и книжевни личности, па дури и интензивно лични песни поврзани со големи, хуманистички проблеми.

Како поет, се прослави со книгата Модус што се менува (1963), по која следеа, меѓу останатите, Англиска седмица (1965), Декември и други песни (1976), Рецитативи (1977) Инструменти за меланхолијата (1980), Концерт во поле (1993), Семејни сонети (1995), Песни со личностш (1997), Тестамент на вгм (2001). Како раскажувач ги објавил: Четшри последни песни (1987), Бродолом на Сепулведа (1988), Заминувањето на Софонизба во шест и дванаесет наутро (1993), Смртта на Никој (1998), Љубов моја, ноќе беше (2001). Како есеист, ги објавил книгите: Луис де Камоеш: неколку предизвици (1980), Повеќе гласови (1987), Портрети на Изабел и други обиди (1994).

Освен тоа, објавил и две пиеси: Смена на момчињата на удар (1987) и Актот на Мофино Мендес (1994); еден дневник: Проживеани околности (1995); три книги хроники: Хартии од дневник (1997), Против Бернардо Соареш и други опсервации (1999) и Страници од Порто (2001); и една книга за деца: Чизмите на наред- никот (2001).
Како преведувач, Васко Граса Моура ги има преведено, меѓу останатите, Шекспир, Рилке, Гарсија Лорка, Валтер Бенјамин и Нов живот и Божествената комедија од Данте Алигиери. За последната ја има добиено наградата Песоа во 1995 година.

Струшки вечери на поезијата

vasko-graca-died