Македонија како една дамнешна земја претставена со нејзиниот јазик, кој не е многу распространет низ светот сепак опфаќа и организира ваква престижна поетска манифестација со половинавековна традиција, како Струшките вечери на поезијата, истакна лауреатот на 54. издание, кинекиот поет Беи Дао.

На денешната прес-конференција на СВП во чест на Беи Дао, кој е 50-ти јубилеен лауреат на „Златниот венец“ , го постави прашањето како една мала земја како што е Македонија и град како Струга може да организираат меѓународен фестивал на поезија како Струшките вечери.
Беи Дао, кој пред 12 години беше учесник на фестивалот, истакна дека признанието е многу важно за него, но и дека е среќен што има можност повторно да се сретне со големи поетски имиња од светот.

– Чуството на среќа претставува еден вид слабост на човекот кога ќе добие ваква престижна награда. Јас не верував дека ќе го добијам „Златниот венец“ што ми претставува посебна чест како поет. Посебно ми е чест што признанието претставува врска меѓу поетот и неговото творештво, рече Беи Дао.

IMG_3888

Директорот на фестивалот Мите Стефоски изрази задоволство што, како што рече, имаме можност повторно да се навратиме на кинеската поезија преку вториот лауреат после Лу Јоан, но овој пат со сосема различна поетика.

– Навистина е чест на македонски да биде претставено творештвото на еден од најзначајните претставници на т.н загадочна школа на поезијата. Една група кинески поети кои во 70-тите почнуваат со трагање по нов поетски јазик во ракмите на кинеската поетска традиција. Поезијата на Беи Дао, токму заради универзалните врадности ги содржи сите предуслови за да биде наградена со едно вакво престижно признание како што е „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, нагласи Стефоски.

Меѓу имињата на сите 50 досегашни добитници на „Златниот венец“, според него, нема ниту едно случајно кое се нашло на листата.

– Обврската на македонскиот јазик и на струшкиот поетски фестивал да ги награди врвните светски поети и тоа најзначајните во втората поливина на 20 и почетокот на 21 век е малку нелагодна и сигурно многу одговорна. Сите современи класици на 20 и почетокот на 21 век се нашле на таа листа за наградата која секогаш била доделувана за врвни естетски и уметнички достигнувања. Никакви други вонлитерални влијаие или критериуми не биле замани во предвид, ниту пак политичките, рече Стефоски.

Творештвото на Беи Дао кое ќе биде претставено и славено во рамките на СВП, додаде директорот, е единствениот и највисокиот критериум за кое годинашниот лауреат е награден. – Нашата автономност во однос на донесувањето такви одлуки никогаш досега не била доведена во прашање, ниту тоа ќе се случи од сега. Оттаму извира и реномето на самата награда во интернационални рамки, истакна Стефоски.

Струшките вечери на поезијата, како што подвлече претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорѓо Димоски, во светски рамки значи за најстар фестивал кој се одржува во континуитет.

– Речиси сите светски фестивлаи го применуваат нашиот модел, но ја немаат магијата на „Мостови“ на истекот на реката Црн Дрим, која го прави повеличествен и побожествен. Годинашниот лауреат во светски рамки е име кое значи бидејќи е симбиоза на кинеската поетска традиција и на она што е европска или американска поетска традиција.

Беи Дао е 50-ти јубилеен добитник на признанието „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, кое ќе му биде врачено в недела на поетското читање „Мостови“.