Струшките вечери на поезијата со жалење ја примија веста дека вчера, на 1 јули, во Париз почина еден од најзначајните француски и современи светски поети, Ив Бонфоа, кој во 1999 година за неговото исклучително поетско творештво беше награден со „Златен венец“.

Ив Бонфоа е роден на 24 јуни 1923 година во Typ, Ендр-е-Лоар. Татко му бил железничарски службеник, а мајка му наставничка. Во родниот град ја завршил познатата математичко-филозофска гимназија „Декарт“, а потоа студирал математика и филозофија во Поатје и на Сорбона во Париз. Магистрирал под меиторство на Џин Вал и три години престојувал во САД како аташе за истражување во областа на критичката методологија.

Почнувајќи од 1960  ќе биде предава како визитинг-професор на повеќе француски и странски универзитети, и тоа: во Венсен (1969-70), во Ница (1973-75), во Екс-АиПрованс (1979-81) итн., а од 1981 до 1993 година бил редовен професор по компаративни поетики на Колеж де Франс во Париз. Бил директор и уредник во книгоиздателството „Фламарион“, каде ja уредувал едицијата „Идеи и истражувања“. Таму го објавил и познатиот Речник на митологиите и религиите на традиционалните општества и на античкиот свет.

Уште со неговата поетска книга Движењето и мирувањето на Дув , со која го истажува односто на поезијата кон животот, влегува во француската и светската историја на книжевноста како еден од најзначајните поетски гласови. Творештвото на Ив Бонфоа станува едно од врвните книжевни дострели на француската поезија по Втората светска војна, а самиот тој станува најпроочуениот и највлијателниот современ француски поет. За негови учители често пати ќе ги посочува Шарл Бодлер и Артур Рембо, но и таткото на надреализмот Андре Бретон. Неговата поезија донесува едно ново рамниште на француската поезија, со херметичните многуслојни асоцијации. Тој зборува за поезијата како за најдобар израз на „времето преобликувано од моментот“ , концептуален, прогресивен свет засолнет и оживеан од моментното насетување кое го донесува зрачењето на сонцето или друг феномен од природниот свет.

Неговото обемно книжевно дело го сочинуваат поетки книги, студии, есеи, преводи.  Неговата лирска библиографија ја сочинуваат и книгите: Пустината што владееше вчера (1958), Напишан камен (1964), Во стапицата на прагот (1975) Песни (1978) и бројни други дела преведени на триесетина јазици. До последниот животен миг остана активен како книжевен творец. Неодамна ги објави и последните две книги, поетската „Црвениот шал“и есејот „Поезија или сознание“.

Тој е исто така еден од најдаровите преведувачи од англиски и други јазици. Неговите преводи на повеќето од драмите на Шекспир се сметаат за најдобрите на француски јазик.Ги превел и Јејтс, Петрарка, Јоргос Сеферис и редица други значајни светски автори.

За своето творештво и книжевно-истражувачка дејност бил награден со бројни признанија, меѓу кои и наградата „Монтењ“ во 1978 година, a во 1993 година му беше доделена Големата национална награда за поезија. Беше уредник на ревијата „Лефемер“ (1966-1972). Добитник е и на наградите „Гонкур“ за поезија (1987), „Сино Дел Дука“ (1995), „Балзан“ (1995), наградата „Кафка“ (2007) итн. Во 1999 година е награден со „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата“, со влегува и во листата на на книжевните великани наградени со најпрестижното светско признание за поетско творештво.  Прогласен е за почесен доктор на Американскиот универзитет, на Универзитетот Нојшател, на Универзитетот во Чикаго и во Даблин.

 

БИОБИБЛИОГРАФИЈА

–      За движењето и мирувањето на Дув, песни, Меркур де Франс, 1953.
–       Неверојатност, есеи, Меркур де Франс, 1959.
–       Ѕидни слики на француската готика, Пол Хартман, 1954.
–       Пустината што владееше вчера, песни, Меркур де Франс, 1958.
–       Рембо, Ле Сеј, 1961.
–       Напишан камен, песни, Меркур де Франс, 1964.
–       Сон во Мантова, ecej, Меркур де Франс, 1967.
–       Рим, 1630: хоризонтот на првиот барок, Фламарион, 1970.
–       Одзадна земја, проза, Женева, Албер Скира, 1972.
–       Во стапицата на прагот, песни, Меркур де Франс, 1975.
–       Румен облак, ecej за поезијата, Меркур де Франс, 1977,
–       Попречна улица, расказ, Меркур де Франс, 1977.
–       Песни, Меркур де Франс, 1978.
–       Разговори за поезијата, Нојшател, Ла Бакониер, 1981.
–       Присуството и Сликата, Меркур де Франс, 1983.
–       Поезијата и Универзитетот, Фрибург (Швајцарија), Универзитетско издание, 1984.
–       Тоа што беше без светлина, песни, Меркур де Франс, 1987.
–       Сказанија во сон, проза, Меркур де Франс, 1987.
–       Таму каде што паѓа стрелата, Меркур де Франс, 1988.
–       Една друга епоха за писмото, Меркур де Франс, 1988.
–       Вистината и зборот, Меркур де Франс, 1988.
–       За еден скулптор и за сликарите, Плон, 1989.
–       Разговори за поезија, ново проширено издание, Меркуд де Франс, 1990.
–       Почеток и крај на снегот, Меркур де Франс, 1991.
–       Алберто Џакомети, биографија на едно дело, Фламарион, 1991.
–       Алешински, за премините, Монпелиер, Фата Моргана, 1992.
–       Улицата Траверсиер и други сказанија во сон, поезија, Галимар, 1992.
–       Неверојатноста и други есеи, ново издание, Фолио/Галимар, 1992.
–       Скитнички живот и Една друга епоха на писмото, Меркур де Франс, 1993.
–       Белешки за цртежот, Меркур де Франс. 1993.
–       Малата и големата фраза, ТИЛ 5,1994.
–       Цртеж, боја и светлина, Меркур де Франс, 1995.
–       Денот на Александар Холан, Времето    1995.
–       Подалеку, побрзо, поезија, Р. и Л.Дитру, 1996.
–       Уште слеп, поезија, Фестина лант, 1997.

Преводи:

–       Вилијам Шекспир, Хенри 4 (прв дел), Јулиј Цезар, Хамлет, Зимска бајка, Венера и Адонис, француски Клуб на книгата, 1951-1961.
–       В.Шекспир Крал Лир, Меркур де Франс, 1965.
–       В.Шекспир, Ромео и Џулиета, Меркур де Франс, 1968.
–       В.Шекспир, Макбет, Меркур де Франс, 1983.
–       В.Шекспир, Венера и Адонис, Феникс и Гулабот, Меркур де Франс, 1993.
–       В.Шекспир, Зимска бајка, Меркур де Франс, 1994.
–       В.Шекспир, 24 сонети, Библиофилите на ФранциЈа, 1994.
–       В.Шекспир, Јулиј Цезар, Меркур де Франс, 1995.
–       Вилфам Б.Јејтс, Четириесет и пет песни, Воскресение, Херман, 1989, Поезија, Галимар, 1993.

Други изданија:

–      Стефан Маларме, Игитур, Талкање, Галимар, 1976.
–      Речник на митологиите и религиите на традиционалните општества и на античкиот свет, Фламарион, 1981, 2 тома.
–      Марселин Деборд-Валмор, Поезија, Галимар, 1983.
–      Стефан Маларме, Поезија, Галимар, предговор, 1992.
–      Стефан Маларме, Преписка, Писма за поезијата, Галимар, 1995.
–      Стефан Маларме, Пригодни стихови, Галимар, предговор, 1996.