По 55-ти пат градот на поезијата и мостовите, градот на Браќата Миладиновци блесна во својот поетски раскош.  Триесет и двајца поети од 30 земји, од сите континенти меѓу кои од Италија, Австралија, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Белгија, Израел, Унгарија, Кина, Калифорнија, Мексико, Шпанија, Франција, Ирска, Индија, Бугарија, Албанија… и дваесетина од Македонија учествуваат на  јубилејното издание на Струшките вечери на поезијата.

Во наредните неколку дена Струга е во центарот на светското поетско влијание, по 55 пат е престолнина на поезијата, а фестивалот ќе се одржува пред Домот на поезијата и на отворени сцени во Струга. Истовремено поетски читања, „Поезија на пат“ ќе има и во Охрид, Ресен и Битола. Манифестацијата ќе заврши со поетско Матине на Матка и Меѓународен поетски митинг кај Камениот мост во Скопје.

Традиционално манифестацијата почна со читање на Константиновата Т’га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, а по официјалното отворање од министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и директорот на СВП Мите Стефоски,  продолжи со Меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.  Годинашната добитничка на највисокото фестивалско признание „Златен венец“,канадската романсиерка, поетеса, книжевна критичарка и активистка Маргарет Атвуд, која не присуствуваше на официјалното отворање преку видео порака се заблагодари за наградата. Изрази жалење што неможе да присуствува, но рече дека духовно е со нас и се заблагодари што нејзината поезија е преведена на македонски јазик.

Навраќајки се низ фестивалските години, директорот на СВП Стефоски им се заблагодари на сите кои во изминатите 55 години несебично помагале, ги поддржувале и овозможиле денес да го прославиме овој јубилеј.

– Струшките вечери на поезијата има значајно местото во меѓународната поетска јавност, не само заради тоа што е најстар поетски фестивал, туку и заради моќта на поврзување на јазиците и културите од сите континенти од почетоците до денес. Струшките вечери на поезијата ја имаат меѓународната улога како креатори на културните политики во областа на поезијата. Местото во светската книжевна јавност го има не само заради тоа што е најстар поетски фестивал, туку и поради влијанието токму во времето кога била отежната комуникацијата меѓу Истокот и Западот, кога токму Струга била седиште за градење на тие мостови на луѓето. Единствено тука, во поетска Струга можеле да се сретнат и да го презнетираат своето творештво, истакна Стефоски.

Педесет и петото издание на фестивалот, според министерката Канческа-Милевска, на најдобар начин го потврдуваат искрениот придонес на нашата држава во заемното запознавање и почитување на културите и градењето нова димензија на пријателството меѓу народите во светот.

 

  • Веќе 55 години, поетската Струга е дом на најголемите бардови на светската поезија, кои низ своите автентични поетики, изградија мостови меѓу поезисот на цивилизациите, мостови меѓу сегашноста и иднината. Со својот поетско уметнички чин, поетите од сите светски меридијани, искрено и трајно се вградија во реномето на оваа меѓународна манифестација која стана исклучителен книжевен симбол за секој од нив, истакна Канческа-Милевска.

 

Престижниот „Златен венец“ на поезијата, додаде, беше, и денеска е императив за секој поет бидејќи го потврдува неговото место меѓу најголемите светски поетски пера.

  • Токму затоа ми претставува посебно задоволство што на најголемите поетски имиња од20 и  21 век, оваа година им се приклучува и планетарно познатата канадска  поетеса, литературна критичарка, есеистка и активистка за заштита на животната средина, Маргарет Атвуд.  Делата на оваа авторка, нејзината страствена и сугестивна поезија е автентична и исклучително богата и во оваа смисла, слободно можеме да забележиме дека Атвуд е исклучителна појава во светската поетска историја, поетски глас на една генерација на автори кои длабоко ја допреа личната и емоционалната историја на луѓето, рече Канческа-Милевска.

 

Во чекор со модерното време што го наметнува 21 век, Фестивалот трпи промени и промовира поатрактивни содржини за подетален увид во претставувањето на поетите. Учесниците имаат можност пообемно да го претстават своето творештво преку најновата  содржината „Поетско кафе“, а се надградуваат и веќе почнатите проекти како што е „Кругови“, во кој поетите читаат поезија на отворена сцена на истекот на реката Црн Дрим.

За поголема застапеност на македонската поезија која  е значајна за фестивалот, од минатата година воведена е нова содржина кога потесниот избор од наградата „Браќа Миладиновци“ се претставува во пресрет на соопштувањето на наградата.  Вечерта посветена на современата македонска поезија во рамките на годинашниот 55 – годишен јубилеј ќе биде посветена на сите досегашни добиртници на наградата „Бараќа Миладиновци“.  Не изостанува и претставувањето на поезијата на другите јазици, а годинава во фокусот е австралијанската поезија.

Во изминатите 55 години  на СВП учествувале над 5.000 поети, од сите континенти кои своите поетски пораки ги испратиле од ова мало место, кое овие денови станува една планетарна точка во културата, поезијата, хуманоста…