Управниот одбор и Дирекцијата на Националната установа – Манифестација Струшки вечери на поезијата – Струга распишуваат:

КОНКУРС

за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик во периодот од 1 Јуни 2014 година до 31 Мај 2015 година.

Критериуми за учество:

Наградата „Браќа Миладиновци“ се доделува за поетска книга напишана и објавена на македонски јазик. На конкурсот може да биде пријавена и книга објавена двојазично, каде поетското творештво на македонски е оригинално создадено, односно, не е превод од друг јазик.
На конкурсот пријави можат да поднесат авторите или нивните издавачи во согласност со нив.
Еден автор или издавач може да учествува со неограничен број наслови.
Пријавените поетски книги треба да се првообјавени во периодот за кој се доделува наградата и да не бидат претходно објавени на друг јазик.
Избори или книги во кои има препечатени делови од други книги нема да бидат земени предвид.
На конкурсот можат да бидат пријавени само дела од еден автор. Коавторски дела се неприфатливи.
Книгите мора да имаат ISBN број.
Книги од членови на УО на НУМ СВП, директорот на НУМ СВП, вработените или на членови на жири-комисијата и нивни поблиски роднини нема да бидат прифатени.
Со учеството на конкурсот се смета дека добитникот ги отстапил авторските и издавачките права на НУМ СВП за употреба во промотивни и некомерцијални цели на целата книга или на делови од истата во оригинал или во превод на други јазици во печатена или дигитална форма, на интернет, како и за други настани поврзани со наградата и наградениот поет.

Конкурсот ќе трае од денот на објавувањето до 20 Јуни 2015 година.
Авторите или издавачите за учество на конкурсот мора да испратат 6 (шест) примероци од книгата на следната адреса:

НУ Манифестација„Струшки вечери на поезијата“
Поштенски фах 109
„Браќа Миладиновци“ бр.5
6330 Струга
Република Македонија

Kнигите не се враќаат.
Пријавените книги ќе ги оценува жири-комисија од пет члена, а одлуката за добитникот ќе биде соопштена за време на одржувањето на овогодишното издание на Струшките вечери на поезијата во Струга.
Паричниот износ на наградата изнесува 100.000 денари.

                                          НУ Манифестација „Струшки вечери на поезијата“