Одборот на СВП годинава едногласно ја донесе одлуката мексиканскиот поет, романсиер, преведувач и критичар Хосе Емилио Пачеко да биде добитник на „Златниот венец“ на 52-то издание на светски реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ за 2013 година.

Со доделувањето на наградата „Златен венец“ на СВП за 2013 на Хосе Емилио Пачеко, „Струшките вечери на поезијата“ уште еднаш ја потврдуваат својата висока цел – преку различностите да се зачува духовното единство на светот, и дека поетскиот јазик е единствен, универзален и ги содржи сите говорни јазици на светот.

Хосе Емилио Пачеко е роден во Мексико Сити во 1939 година. Се школувал во родниот град, а подоцна предавал книжевност на многу универзитети во Јужна Америка, САД и во Канада. Член е на Мексиканската академија на јазиците. Пачеко зад себе има петдецениско творештво кое го издигнува во височините, не само на мексиканската литература на која ѝ припаѓаат Борхес и Октавио Паз, туку  и во целокупната хиспаноамериканска, а и светска литература. За своето исклучително поетско творештво многукратно е наградуван, а е лауреат и на големата награда „Сервантес“, која се доделува за исклучителни достигнувања во литературата пишувана на шпански јазик.