На 14.08.2019 г. во 12:30ч, НУМ „СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА“ – СТРУГА одржа прес-конференција во хотел „Дрим“, со која ја информира јавноста за Програмата на претстојното издание на Струшките вечери на поезијата кое ќе се одржи од 21 до 26 август.

Покрај стандардната програма, директорот Тодорче Тасевски најави новини кои ќе станат значаен белег на овој меѓународно признат и познат фестивал: 

поетска порака

дополнителни јазици

можност за волонтерски ангажман 

live streaming на официјален Youtube канал

обезбеден превоз за посетители

нови книжевни изданнија

Поетската порака ќе биде прочитана за време на церемонијалниот дел на свеченото отворање од страна на истакнат македонски поет.  Г. Тасевски најави дека оваа година, автор на поетската порака ќе биде истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на Програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет. Со самото ова би се потенцирала важноста на поетите и моќта на поетскиот збор.

Од оваа година главните фестивалски читања ќе се изведуваат на повеќе јазици: македонски, англиски, албански и француски јазик. 

„Ова е предизвик за овогодинешното издание на фестивалот како од технички така и од

режисерски аспект на обликување на настанот, но се надеваме и сме убедени дека ќе ја

збогати Програмата.“ – изјави директорот на фестивалот за медиумите.

Во рамки на Програмата се предвидени повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети.

За овогодинешното издание, Струшките вечери на поезијата објави повик за волонтери коишто ќе се вклучат во логистичката поддршка на фестивалот. Повикот е завршен и во тек е селекцијата на кандидати. Целта е да се поттикне интересот за Фестивалот кај помладата публика  и да се овозможи дружење и комуникација со некои од најзначајните поетски имиња.

Освен директниот пренос што ќе го врши националната телевизија, главните фестивалски читања ќе бидат достапни преку live streaming на официјалниот Youtube канал на Струшките вечери на поезијата, со што ќе се овозможи следење на содржините на фестивалот ширум светот.

За главните фестивалски настани ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правци: Скопје-Кичево-Струга и Скопје-Велес-Битола-Струга којшто по завршувањето на настанот ќе овозможи враќање истата вечер.

Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен монографијата на добитничката на „Златниот Венец“, романската поетеса, Ана Бландијана, книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга“, Моника Херцег, монографијата „Кој е кој“, четирите буклети во рамки на едицијата Версополис, можеме да ја издвоиме тематската антологија „Арката на Ное“ чиј приредувач е Иван Џепаровски, а чија тема е посветена на местото на поетската претстава на животинскиот свет во современата македонска поезија, поточно во песните на претходните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“.

 

Програма 2019