Paula 5

Книгата Декември и се бакнавме од шпанската поетеса Паула Бозалонго е овогодишен добитник на наградата за најдобра дебитантска книга од млад светски автор „Мостови на Струга“која ја доделуваат СВП и УНЕСКО.

Наградата е востановена во 2003 година како дел од соработката со УНЕСКО по повод прославата на Светскиот ден на поезијата. Оваа година таа ќе биде доделена по 12-ти пат. Дел од поетите добитници на оваа награда се дел од Версополис.

Паула Бозалонго е родена на 15 април 1991 година во Гранада, Шпанија. Студира архитектура во Мадрид. За нејзината книга Декември и се бакнавме е добитник на престижната награда на едицијата „Хиперион“ во Шпанија, која веќе 30 години се доделува за поетски ракопис од млад автор. Нејзините песни се објавени во значајни книжеви списанија, не само во нејзината родна земја, туку и во други земји во светот.

Нејзината дебитантска книга Декември и се бакнавме низ 26-те песни поделени во два дела донесува еден поетски јазик од кој зрачи еден особен сензибилитет, необременет од  некаква вратоломна реторика, екпериментален или метафоричен израз.Тоа е поезија која носи рефлексии на извесни несигурности и стравови, неодлучности во потрагата по блискост. Тоа ни најмалку не е некаква старомодна сентименталност, туку одухотворен израз на интимноста кој носи искреност изразена на еден особен начин, полна со евокативни слики натопени дури и со влијанијата на архитектурата.

Лирскиот субјект одразува еден интимен лирски темперамент низ елегантните и смели измени на поетските слики, низ еден елегичен тоналитет во кој се случуваат нивните постојани преобразби.Спокојниот тон на оваа саморефлексивна лирика одеднаш го нарушуваат контрапунктни слики кои понекогаш донесуваат спротивственост и зачудност, и делуваат како емотивна каденца во текот на песната. Ваквото поетско обликување и овозможува на младата поетеса да ги впрегне во песната сите реминисценции, алузии, емотивни изблици, сеќавањата, сомежите и стравовите низ вештите измени со приказната и исповедноста и да создаде исклучително сугестивна лирика која го предизвикува читателот со постојаното нарушување на таквиот доверлив тон преку постојаните јукстапозиции на сликите.

Оваа поезија извира од таа верба во трансформирачка моќ на емоциите кои ги натопуваат поетските слики во тежнение повторнода ја откријат и да ја изменат внатрешната логика на времето и просторот. Оттаму таа потрага по љубов, по блискост е потенцирана преку отсликаните претстави на простори и предмети кои го содржат студенилото и отуѓеноста, и е проткаена во песната како еден пригушен плач во бурата („Престижот на плачот“).Тие интроспекции на разочарувањата, копнежите и мечтаења стануваат контемплативни слики кои содржат и геометриски форми и структури, архитектонски метафори, како на пример во песната „Геометрија“ каде во еден кубистички манир ги исцртува силуетите на саканиот со триаголници, трапезоиди, кругови и елипси. „Ми недостасуваат димензии / за да го објаснам светот“, како што самата вели во својата песна, навестуваат ново име чие поетска потрага по ново поетско писмо со сигурност ќе донесе поетски творби кои ќе го привлечат вниманието на европската и светската книжевната јавност.

Со нејзиното додавање на листата со сите досегашни лауреати на оваа интернационална награда, УНЕСКО и СВП продолжуваат со настојувањата да дадат поддршка на младите творци и да ги афирмираат новите поетски вредности, новите поетски писма и имиња кои во иднина ќе го чинат самиот врв на светската поезија. Паула Бозалонго сосема го заслужува своето место на оваа листа, а нејзината книга сведочи за една зрела творечка појава.