Стиховите на добитникот на „Златниот венец“ на 54. Струшки вечери на поезијата кинескиот поет Беи Дао синоќа одѕвонеа во црквата „Света Софија“ во Охрид, која е симбол на духовноста на овој исконски град. Во автентична атмосфера во овој свет храм, каде традиционално се претставува творештвото на лауреатот на СВП, Беи Дао, кој ја доби најголемата книжевна награда како педесетти во низата на книжевните великани, со своите стихови ја воодушеви многубројната домашна и светска публика.
Поетската елита имаше можност да слушне стихови од Беи Дао преточени од радиофоничните гласови на актерите Роберт Велјаноски и Арна Шијак. Беи Дао во својот кинески јазик сочини дело, кое заради своите уметнички и естетски вредности, во светски рамки е прифатено како достигнување со извонредно значење, заради што му се доделува нашето престижно признание.
Говорејќи за своето минато, пред присутните во една од најголемите средновековни цркви, лауреатот на 54. СВП истакна дека животот си го гледа низ долг и темен тунел, на чиј крај е неговото детство. – Бегање од часови уште од мала возраст, читање, фаќање штурци и медитации во глад. Пекинг е градот каде сум роден и израснат. Културната Револуција изби во 1966 година, војната кога имав само 17 години. Ниту основно училиште не завршив, и се упатив кон варварскиот плоштад. Кога навлегов во младешките години, семето на поезијата, расеано среде билје и бетон, растеше бујно, се дел од неговото минато.
За Беи Дао поезијата не е логика или игра на зборови, туку е камен, кој кога ќе го удриш неколку пати ќе даде искра. Потсети на неговото учество пред 12 години, кога „Златниот венец“ го доби неговиот пријател Томас Транстромер. Изрази благодарност до неговите присутни колеги и фестивалскиот совет, но и до сите од меѓународната поетска традиција.
За поетската уметност на Беи Дао напишани се бројни студии и критики кои од разни страни, користејќи разни приоди се обиделе да ги определат клучните елементи на неговата поетика. Беи Дао е наjистакнатиот кинески поет од својата генерација, еден од главните писатели на модерна Кина. Се родил под името Жао Женкаи на 2 август 1949 во Пекинг, а неговиот псевдоним Бео Дао буквално значи „Северен остров“.