IMG_5489

Звуците на поезијата од познатите светски имиња по 54-ти пат се разлеаа низ поетска Струга. Со традиционалниот меѓународен поетски митинг „Мостови“, каде беа врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ што традиционално секоја година се одржува на Мостот на поезијата, на истекот од реката Црн Дрим на 30 август заврши 54. издание на Струшките вечери на поезијата.
DSC_7724 (Copy)

На поетската свеченост годинашниот лауреат кинескиот поет Беи Дао, кој е 50-ти јубилеен добитник на „Златниот венец“ му беше врачено највисокото фестивалско признание, кое се состои од филигрански изработен лавров венец. Наградата „Мостови на Струга“ за дебитантска поетска книга на млад странски автор ја прими шпанската поетеса Паула Бозалонго, а „Браќа Миладиновци“ за најдобра стихозбирка на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата и беше доделена на поетесата Виолета Танчева-Златева. Традиционално на полноќ беше прогласен и добитникот на наградата „Енхалон“ за најдобра песна на млад автор од Македонија, која годинава и припадна на поетесата Афродита Николова за песната „Во налетот на ветрот“.
Манифестацијата „Мостови“ е синоним за фестивалот, што публиката го чека со нетрпение, како голем празник, празник на поезијата. Оваа манифестација ја симболизира моќта на поетите и поетскиот збор, преку поетска размена на сцената надвисната над водите на реката Дрим, да создаваат мостови и премини меѓу различните култури и да поттикнуваат на човечко поврзување, кое ќе им пркоси на недоразбирањата, конфликтите и војните.
DSC_7774 (Copy)

Во градот на поезијата културно се обединија авторите и љубителите на пишаниот збор. Светската поетска елита со своите стихови ја воодушеви многубројната интернационална публика во поетска Струга. Кејот на реката Дрим беше претесен за сите добронамерници кои изминатите пет дена претстојуваа во престолнината на поезијата
Покрај венцоносецот, еден од најистакнатите кинески поети Беи Дао, интернационалната публика слушна стхови и од добитникот на „Златниот венец“ од 1997 година, поетот со светско реноме Адонис, добитникот на Пулицерова награда, американскиот поет Јусеф Комунјака, поетесата Суџаѕа Бхат, познатиот палестински поет Гасан Захтан, Себастијан Грасо, млади поети од платформата „Версополис“…
IMG_5520
Педесет и четвртиот поетски фестивал свечено беше отворен во средата со традиционално читање на Константиновата „Т`га за југ“, палење на фестивалскиот оган и поетското послание на Адонис пред Домот на поезијата во Струга. На 54. издание на Струшките вечери на поезијата учествуваа над 40 поети од 29 земји.