Струшки вечери на поезијата со жалење ја примија веста дека вчера, на 26 март во својот дом во Стокхолм почина шведскиот поет Томас Транстромер, еден од најзначајните светски поети, добитник на бројни светски награди, меѓу кои и на Златен венец на СВП и Нобеловата награда за литература. Во овие мигови на жалост, уште еднаш да се потсетиме на неговиот пат и да потсетиме дека неговото творешво одамна е дел највисоките дострели во светската литература.
Роден е на 15 април 1931 година во Стокхолм. Уште во втората година на класичното гимназиско образование Транстромер објавува песни во училишното списание. Коментарите на неговиот професор по латински јазик се дека момчето пишува неразбирливи модернистички чкртаници. Студирал историја на литературата и психологија на универзитетот во Стокхолм. Во 50-тите работел на институтот за психометрика на истиот универзитет, а потоа се вработува како психолог во Институтот за пазар на труд во Вестерос, во 1960 година. Тоа е период исполнет со бројни патувања кога ги посетил Исланд, Југославија, Грција, Италија, Мароко, Шпанија и Египет.
Транстромер дебитира на 23 години, за време на неговите студии по историја на религиите на Универзитетот во Стокхолм. Уште со својата дебитантска книга 17 песни во 1954, Транстромер е признат како водечки поетски глас на својата генерација во Шведска. Неговата прва збирка песни доживува успех промовирајќи го силниот талент на поетот и уметничката вредност на песните. Во голема мера тој веќе го има развиено особениот поетски јазик – неговите оригинални и остро меделирани метафори, мистицизмот на природата, музикалноста, прецизноста на формата и природната дикција – квалитети кои ќе бидат константа и во сите негови подоцнежни книги.
Неговото поетско творешво го сочинуваат следните збирки песни: 17 поеми (1954) Тајни на патот (1958), Неодвршениот рај (1962), Звуци и шини (1966), Патеки (1973), Балтик (1974), За живите и за мртвите (1989), Тажната гондола (1996), Големата загатка (2004) итн. Неговите збирки се релативно мали по обем, но според неговите познавачи, зад секоја од нив стои повеќегодишна работа. Неговото творештво е преведено на преку шеесетина светски јазици, што укажува на интересот и значењето на неговото творештво во светски рамки.
Неговата поезија постојано се приближува кон тајните на егзистенцијата. Неговиот интерес за неискажливото е истовремено поттикнат од желбата за поетска конкретност – како што недосегливите делови на мислата и на егзистенцијата само можат да бидат насетени или допрени со прецизните инструменти на сензуалност. Неговото истражување на комплексната природа на човековиот идентите и неговите создадени мостови помеѓу природата, космосот и смртта никогаш нема да резултира со структурирани модели или исповедни тонови. Неговата поезија е смирена потврда на неколку збора, но истовремено и отпор кон моќта и медуимските клишеа. Со доверлива мирнотија белешките за живото на Транстромер ја вклучуваат смртта, и обратно. Понекогаш неговите песни поседуваат некакво вид недогматска религиозност, како што ќе забележи критиката.
Во 1990 година ќе преживее мозочен удар што ќе ја парализира неговата десна страна. Тој речи си го губи говорот. Оттогаш пишувањето ќе му биде отежнато и ќе објави само неколку книги поезија и мемоари. Затоа повеќе ќе се насочи кон кратките форми, како што е хаикуто, која ќе го засили неговиот фокус и концентрација во поетската експресија.
Интересот за музиката кој се провлекува низ целиот негов живот ќе остави траги во неговото поетско творештво, па дури и ќе се продлабочи по преживеаниот удар. Неколкумина композитори ќе бидат инспирирани од неговото творештво и ќе се обидат да го преточат во музички дела, посветувајќи му и бројни новокомпонирани дела за пијано кои се свират со лева рака.
Добитник е на бројни национални и интернационални награди: Наградата Белман (Шведска) 1966, Петрарка (Германија), Литературната награда на Нордискиот културен совет 1990, Нојштадовата интернационална награда за литература (САД), 1990, Нордиската награда на Шведската академија, 1991, наградата Август (Шведска), Златен венец на Струшките вечери на поезијата, 2003 и Нобеловата награда за литература во 2011 година.