СООПШТЕНИЕ НА ЖИРИ КОМИСИЈАТА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ ЗА 2014

 

Жири комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ 2014 г. работеше во состав: Елизабета Шелева, претседател, Катица Ќулавкова, Петко Дабески,Тодор Чалоски и Милош Линдро (членови).

По неколку одржани работни средби, жири комисијата со мнозинство гласови за овогодишен добитник на наградата „Браќа Миладиновци” ja избра книгата „Моите Веди“ на Вера Чејкоска.

Вера Чејкоска (1954) е оформен и признаен поетски профил во современата македонска поезија, со нетрадиционална визија на поетската практика и нагласена склоност кон мета- јазични и мета-поетски опсервации.Таа е, според својата професионална вокација, истакнат научник од областа на физиката (поточно, сеизмологијата), што се рефлектира и во нејзиното поетско писмо. Во книгата „Моите Веди“ авторката вградува мошне интересни и инструктивни елементи од современите егзактни науки, чии откритија, според својата имагинативна смелост и широчина, се граничат со уметноста и мистицизмот. Збирката „Моите Веди“ нуди занимлив жанровски микс од авто-поетички есеи, кои се навраќаат на некои од порано објавените песни на авторката, рас-тајнувајќи ja нивната симболичка мотивираност и херметична позадина, потем, елоквнетни коментари за индиските свети книги Веди, како и песни во проза, исполнети со портретирање на клучните семејни ликови и нивните духовни рефлексии (Големата Мајка, Големата Сестра, Големиот Татко и Благиот (Бог). Ваквото внесување на интимни и исповедни ентитети претставува драгоцен и значаен исчекор во творештвото на Чејковска, кое е апартно, изделено и самосвојно, до ceгa препознатливо првенствено според својата „скржавост” и воздржаност кон елементот на личносна исповед.

Книгата на Чејковска „Моите Веди“ е длабоко комплексна, концептуално прецизно обмислена и разработена, длабоко самосвесна книга, која трепери на границите на поезијата и теоријата, уметноста и науката, рационализмот и мистицизмот.

За крај, да споменеме уште еден значаен податок: во изминативе педесетина години откако се доделува наградата „Браќа Миладиновци”, Вера Чејковска е шестата авторка по ред, која е добитничка на ова престижно признание.