Margaret-Atwood-006

На Свечената седница во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје беше соопштено дека канадската поетеса Маргарет Етвуд е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2016 година.

Наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата ѝ се доделува на Маргарет Етвуд, за исклучителниот придонес во поетската уметност со особениот творечки пристап во третирањето на темите на отуѓувањето и неможноста од комуникација, позицијата на женскиот субјект кој страда, за тегобноста, искористувањето и потчинетоста во модерниот свет. Отфрлајќи ја идејата за уметноста како самоизразување, нејзиното настојување е да го опише светот и општеството во кое живее и кое го познава, заради што низ моќта на нејзините стихови секогаш ги отсликува различните нијанси на женското искуство, ограничувањата кои го загрозуваат, како и опстанокот за кој неминовно се бори.

Водејќи се од нејзиниот пристап и поетичкото начело дека таа во својата поезија не сака да решава проблеми, туку да ги разоткива, таа низ целото поетско творештво ги истражува тензиите меѓу постоењето на различните спротивности, како што се животот и уметноста, човек-природа, машко-женско, јас-другите, дуализамот кој води во одвоеност на поединецот од светот кој го опкружува. Нејзиниот интерес за преобразувачката моќ на имагинацијата, со цел да се преминат строгите граници на дуалистичкиот универзум, водат кон тоа таа во нејзиното творештво често да го поставува прашањето на пишувањето, за улогата на поетот и моќта на поезијата, и за потешкотитте и неопходноста од преземање корисни политички акции.

Поетското творештво на Маргарет Етвуд го одликува силен интерес за социјалните прашања, како што е истражувањето на потчинетоста на жената, при што творештвото покренува прашања за достоинството на жената и поттикнува на свесност за социјалната неправда, но и за скриениот конфликт меѓу јазиците и културите во канадското општество. Песните на Етвуд се сместени меѓу просторите искуството и митологизираните пејсажи на имагинацијата. Тие се раѓаат токму на точките на допир, на судир и проникнување меѓу обичниот, сетилен свет со артифициелниот затворен простор во кој доминира рационалното, нарцисистичкото, јазично темелената цивилизација и митологизираниот, имагинативен свет. Нејзиното творештво во канадската поезијата донесува нов поетски идиом кој понатаму ќе биде препознаван како атвудијански: ироничен, директен, едноставен и пристапен, емоционално разделен, и прецизен. Таа воведува една преокупација со перцепцијата и тоа дали нашата перцепција на стварноста нyжно е големо искривување? Таквите прашања околку тоа како се гледаме себе си, другите и светот во кој живееме и што е потребно за да имаме јасен поглед на нештата, се одлика на нејзиното творештво по кои таа има едно посебно место во светската литература.

Маргарет Елинор Етвуд е една од најважните современи канадски и светски писателки. Но исто така Етвуд е славна книжевна личност, медиумска ѕвезда, културен критичар, социјален историчар, политички сатиричар, автор на стрипови. Оваа извонредна жена зазема многу значајно место во современото канадско општество, не само заради нејзината брилијантна писателска уметност, но исто така и заради нејзините јавни заложби за различни општествени прашања, зашто таа е и активен поддржувач на правата на жената, на правата на домородците, а вклучена е и во борбата за подобра животна средина.

Родена е на 18 ноември 1939 година во Отава, како второ дете на нутриционистката Маргарет Дороти и ентомологот Карл Едмунд Етвуд, заради чија работа ќе ја запознае дивината на северна Канада и ќе го започне своето формално образование дури на 11 годишна возраст. Средното образование и факултетот ги завршила во Торонто, каде професори ѝ биле канадскиот писател Џеј Макферсон и книжевниот теоретичар Нортроп Фрај, кои ќе имаат огромно влијание на нејзината понатамошна книжевна дејност. Своето понатамошно образование го продолжила на Редклиф Колеџот во Харвард, САД, каде во 1962 година магистрирала на англиски јазик. Таму го започнала докторатот, но истиот никогаш нема да го заврши. И покрај тоа, таа се стекнува со бројни почесни докторски титули, на бројни светски универзитети. Во текот на својата академска кариера предавала на разни универзитети во Северна Америка, вклучувајќи го и Универзитетот на Британска Колумбија, Универзитетот во Алберта, на Универзитетот Сер Џорџ Вилијамс (сега Конкордија), Универзитите Монтреал, Јорк, Торонто.

Маргарет Етвуд надвор од северно-американскиот континент веројатно е повеќе позната како романсиер, како прозаист, отколку како поет. Но неспорен е фактот дека поезијата на Етвуд има еднаква важност и квалитет како и нејзината проза, за што сведочат и бројните студии и статии посветени на разни аспекти на истата, и кои ја вреднуваат како исклучително значајна во светската поезија. Значајните интернационални награди за нејзиното поетско творештво се уверлива потврда за високите вредностите на истото.

Почнала да пишува на пет години, а првите статии ги објавила за време на студиите во студентскиот весник. Во една мала издавачка куќа (John Robert Colombo’s Hawkshead Press) во 1961 година приватно ја објавила нејзината прва поетска книга Двојната Персефона (Double Persephone). Етвуд не ја смета како многу успешна оваа малечка книга песни, иако истата ќе биде наградена со „Медалот на Е. Џ. Прат“( „E. J. Pratt Medal“. Три години подоцна ја објавува првата официјална книга поезија Кружна игра (The Circle Game.) Една исклучително фалена и наградувана книга за која ќе ја добие и најзначајната национална книжевна награда Гувернеровата генералната награда (Governor`s General Award).

Поминувајќи го поголемиот дел од раното детство во патувања по шумските области на северен Квебек, Маргарет Етвуд ќе остане трајно фасцинирана од убавината на дивината и нескротливата природа, но исто така, свесна за нужноста да се преживее во опкружување полно со закани и опасности. Темите опстанокот, на физичката, интелектуалната и политичката борба се од суштинско значење за нејзиниот ангажман во кампањите за заштита на животната средина и човековите права, но и мотиви кои секогаш се јавуваат во нејзиниот импресивен опус на повеќе од четириесет книги поезија, раскази, романи, сценарија, книги за деца, критички текстови итн. Преку богатството и разноликоста на своите текстови, со кои, исто така, повторно ги испишува/прераскажува/ старите бајки и митови, но создава и сосема нови светови, секогаш одново го преиспитува модерниот живот и ги расветлува неговите системи за социјално угнетување, сексуалната политика и меѓучовечките односи.

Поетските книги Политики на моќта (1971) и Ти си среќен (1974) ги истражуваат родовите политики во современите односи меѓу мажот и жената, и јазикот преку кој тие односи се конструирани. Насилната имагинација на Политики на моќта е предодредена од потчинувањето на жената од страна на мажот, како и од заробеноста на жената во социјалните, културните и лингвистичките конструкции.

Во следните неколку години продолжува наизменично да објавува проза и лирски дела, како и теоретски текстови, па така во 1972 година ќе го издаде Опстанок, тематски водич низ канадската литература, кој првенствено се фокусира на современото канадско творештво преку идејата за книжевноста како централен елемент на развојот на националниот идентитет. Мотивот на преживување (опстанокот) овде се јавува како состојба кое ја обележува канадската литература како колонијална жртва на другите блиски литератури кои доминирале врз неа.

Во следните три поетски книги Двоглави песни (1978), Вистински приказни (1981) и Интерлунар (1984) продолжува да ги истражува познатите теми, приоѓајќи им од поинакви агли и во нови контексти. Прашањето за канадскиот идентитет, на пример, претходно разгледуван низ поимите на географијата, археологијата, антропологијата, историјата итн. – сега е согледано низ остар политички фокус во Двоглавите песни. Таа свртува вниманите кон тоа што е суштинско во канадската психа: двојноста што е претставена преку фигурата на сијамските близнаци. Двете глави што зборуваат и делат едно тело ја прикажува сликата на Канада како имагинативен простор во кој сличностите мора да коегзистираат. Двата гласа кои ја претставуваат канадската француска и англиска култура, зборуваат понекогаш единствено, понекогаш контрадикторно. Како и сите сијамски близнаци, сонуваат за раздвојување. Проблемот на идентитетот во Двоглави песни е многу поопшт проблем, има универзални значења.

Освен поезија, голем дел од нејзиното творештво ја чини прозата. Првиот роман со кој се етаблира како значаен писател објавен е во 1969 година под наслов Жената храна (The Edible Woman), Преку идејата на метафоричен канибализам Етвуд го прикажува проблемот на потчинувањето на родовите улоги, губењето на идентитетот и отуѓеност од сопственото тело, а со оглед на тематиката и излегувањето на книгата во времето на појавата на вториот бран на феминизмот, често е сметано како феминистичко дело. Овој епитет често ги придружува и другите нејзини текстови заради нејзиниот јасен интерес за жените и женското искуство, и покрај фактот што нејзиниот став кон феминизмот постојано се менува и се развива:

“Никогаш не сум рекла дека сум „ист“ од било кој вид, освен ако не знам како тоа го дефинира другата личност … но во целина: Верувам дека жените се потполни човечки суштества (радикални, сфаќам). И дека законите треба да го отсликуваат ова. Меѓутоа мажите и жените не се „еднакви“ ако „еднакви“ значи „потполно исти“. Многу од нашите забуни и несмасности произлегуваат од обидот да сфатиме што всушност значат разликите, или она што би или не би требало да значат “.

Во средината на 80-тите година го објавила едно од најзначајните нејзини дела, дистопискиот роман Приказна ја слугинката, и тоа е книгата која ќе ѝ обезбеди популарност низ целиот свет . Етвуд ќе продолжи со серијата романи за жените и нивните меѓусебни односи, како што се Мачкино око (Cat’s Eye)(1988) и The Robber Bride (1993), а за романот на Слеп убиец (The Blind Assassin) (2000) ќе ја добие престижната Букерова награда.

Исклучителна сестраност ќе покаже и за време на работата на книгата Oryx и Crake (2003), кога измислила го концептот на роботска технологија LongPen, а и денес е извршен директор на компанијата Syngrafii Corp. која произведува различни апликации за далечинско пишување. Таа исто така е првиот учесник во необичен проект Библиотека на иднината, при што целта е да се напишат дела што ќе бидат објавени по сто години.

Маргарет Етвуд е еден од најпреведуваните светски автори. Нејзините дела се преведени на француски, германски, руски, италијански, урду, естонски, романски, турски, фински, дански, холандски, норвешки, шведски, португалски, полски, јапонски, грчки, шпански, исландски и редица други јазици. Неколку нејзини книги се преведени и на македонски јазик.

За своето творештво добила повеќе од четириесетина национални и интернационални награди, меѓу кои ќе ги споменеме само: Букеровата награда, Гилеровата награда, Наградата за книжевност на принцот од Астуријас, Наградата Нели Сакс, Норвешкиот ред на литературна почест, Медал на Комонвелтот итн.

Избрана е за почесен доктор и други почесни звања на триесет светски универзитети, меѓу кои и на Торонто, Монтреал, Лидс, Оксфорд, Кембриџ, Харвард, Сорбона, Даблин, Единбург, итн.