margaret-atwood-xlarge

Колку прекрасно изненадување е што сум избрана за овогодишната добитничка на наградата Златен Венец, и што ќе можам да бидам дел од неверојатните Струшки вечери на поезијата! Ми претставува особена чест што сум вклучена во група со толку истакнати поети – меѓу нив голем број мои стари пријатели, некои од нив починати, но и премногу поети кои ги сметам за свои пријатели, иако ги познавам само преку нивните песни.

Навикната сум да ме гледаат како писателка, а поезијата да ми биде – ако не занемарена – барем во сенка. Сепак, првата декада од мојот писателски живот јас бев позната само како поетеса, оти поезијата беше – со исклучок на неколку приказни – единственото нешто што го имав објавено. Всушност, тоа беше преовладувачката литературна форма во тие времиња во мојата земја, Канада, бидејќи тогаш беше особено тешко – во една постколонијална земја со мал број жители – да се издаде роман освен ако не пронајдете издавач во поголемите и помоќните центри како Британија, Франција или САД.

Збирките поезија, пак, беа малечки и евтини за издавање. Издавањето поезија беше пред сè домашно производство: ние, канадските поети, создававме списанија и мали изданија, си разменувавме книги издадени во мал број, и држевме поетски читања во кафетерии. Со својот недостаток на парични награди, вработени луѓе и пензиски планови, поезијата не беше кариера или професија – беше звање, повик, а како таква останува, скоро секаде, до денес. Поетите пишуваат поезија бидејќи ја љубат поезијата и чувствуваат нескротлива желба кон неа. Нема друга причина.

Зошто таква љубов? Поезијата е котел на јазикот, и затоа е толку тешка за преведување, составена од еден збиен, преливачки, метафоричен, структурно комплексен и повеќеслоен говор. Зборува од срцето на човечкото искуство на еден начин кој е специфичен за одредено доба, одреден јазик, одредена култура, а истовремено – во најголемата поезија – е универзален, што и да мислиме со тоа.

Дел од возбудата при прифаќањето на оваа награда ќе биде шансата да ја посетам Македонија, каде никогаш не сум била. Прастарата култура и прастарата традиција можат да бидат и богатство и бреме врз оние кои живеат со нив, но за гостите кои доаѓаат на посета, тие претставуваат чисти задоволства. Со нетрпение ги чекам Струшките вечери на поезијата во Август.

Ви благодарам најискрено,
Маргарет Атвуд