Поетската платформа Версополис овозможува  вмрежување на стотици поети ширум Европа и мноштво можности за соработка меѓу 13-те фестивали членки на оваа платформа – констатираа поетите од Версополис на портретот што денеска во нивна чест се одржа на 57-те Струшки вечери на поезијата.

Свои стихови и искуства за пишувањето, преведувањето и претставувањето на својата поезија во светот споделија: Татев Чакијан (Ерменија), Тицијано Фратус (Италија), Јекта (Франција) и Ана Брндариќ (Хрватска).

DSC_0682

По поетското читање на петмината поети од странство, фестивалот направи омаж на тројцата неодамна починатите македонски творци академик Милан Ѓурчинов, акад. Матеја Матевски и поетесата Лилјана Дирјан, автори чие творештво и креативна енергија се цврсто вградени во СВП.

За делото на Матевски говореше Владимир Мартиновски кој подвлече дека поезијата на овој поет импонира со уметничката симбиоза и уникатна рамнотежа меѓу лирските визии и поетските слики, длабоката рефлексивност и суптилна емотивност. Елизабета Шелева говореше за ликот и делото на Лилјана Дирјан притоа истакнувајќи ги нејзината монашка чесност и спартанската дисциплина во писмото, а осврнувајќи се кон фасцинатниот творечки опус и мисла на акдемик Ѓурчинов, го истакна неговиот љубопитен дух, космополитската определба и личната заложба за европеизација токму на фестивалот Струшки вечери на поезијата во 60-те години на минатиот век.

DSC_0728                              DSC_0949

 

Вториот ден заврши со поетските портрети и традиционалната „Ноќ без интерпункција“ на отворената сцена на истекот на Црн Дрим.

Утре, петок (23 август) во 10 часот е традиционалното „Матине“ во Калишта, а во 13.30 часот е прес-конференцијата на која ќе биде соопштено името на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2018 година.