вистинска приказна од 53-тите Струшки вечери на поезијата, Македонија 2014 година

од Сонет Мондал

 

Еден ненадеен текст на Никола Гелинчески на фејсбук утринава ме врати назад на ден пред финалната вечер на 53-тите Струшки вечери на поезијата, во Македонија 2014 година. Мојот пријател, поетот Марсио Андре чии постапки може да се припишат на еден модерен Езра Паунд, ме додаде во една чет група на фејсбук каде Никола напиша: Здраво дечки:) Едно потсетување на настанот од пред 2 години. Одлучив да ја искористам првата реченица од твојата приказна за да ги вежбаме минатите времиња на моите часови   Неговите зборови ме потсетија на една ноќ која толку многу пати ме предизвикала да пишувам за неа, но никогаш толку многу како денес. Можеби поради оваа мирна вечер – тивка, со исклучок на ветрето кое ме тера да се присетам на еден сличен бран воздух – кога буден стапнав на скопскиот аеродром, во август 2014 година. Моето патување на овој поетски фестивал беше полно страст и возбуда, во голема мера поради фактот дека ова за мене беше првата турнеја надвор од Индија – дополнителна причина за возбуда. Сè друго беше исто (како што и може да се очекува од една фиеста која трае веќе 50 години), четвртиот ден бев вовлечен во една урнебесна, но храбра лудорија која прерасна во анегдота што им се прераскажува на следните посетители на оваа годишна поетска конклава.

Покрај ентузијазмот за посетата – имаше серија настани кои ме поттикнаа да се вклучам во делото – а се вброија во листата на тројцата поети кои украдоа кајче на полноќ. Првиот воздух што го вдишав кога стапнав во Македонија беше како здив со мирис на индивидуализам – како пасијата да ти избегала од прангите на секојдневните правила. Од југословенски ресторан до локален техно концерт во Охрид, се полнев со тогашната македонска култура. Најзначајно од сè е да споменам дека мојата судбоносна побуда да се оженам млад доведе до брза разделба која се имаше случено само еден месец пред оваа посета. Од агонија до окривувања и повторно назад, сè уште барав излез – како очаен стаорец кој си го бара загубеното дупче. Ме прогонуваше сознанието за тоа колку животот се менува кога од безгрижност ќе зачекориме кон обврски. Наликуваше многу на оние детски приказни исполнети со фантоми и фантазии кои со време стануваа безначајни.

Магичното струшко време – со низа ридови покрај Охридското езеро, постојаната забавна атмосфера, топлината на Македонците и радоста поради запознавањето нови поети ме пренесуваа од внатрешна осаменост до простор кој ми извикуваше – ајде, направи нешто. Возбудата кулминираше, а јас не сакав да ја спречувам. Ова направи нешто се засили вториот ден од фестивалот кога еден норвешки поет Ендре Русет и еден фински поет и пејач Нилас Холмберг скокнаа – пијани и голи – во каналот кој тече под Мостот на поезијата. Срцебиењето кое ме смрзнуваше полека се истопи кога ги видов како се качуваат на брегот како две накиснати кокошки. Лудата пијана ноќ која одбиваше да заспие барем миг беше дополнително исполнета со енергија од страна на Владимир Мартиновски – кога ме одведе на брегот на езерото – и ме запознаваше со македонски песни до изгрејсонце. Една група македонски поети кои прекрасно пееја придружени од треперливите жици на утот на Владимир ме потсетија на индиските музичари Баул. Колку и да беше светот разновиден, сепак се чинеше дека е поврзан со заеднички нишки и интереси, и сличен истражувачки дух. Додека тие пееја, јас тргнав кон хотелската соба сонливо гледајќи го небото и мрморејќи – приказните слетуваат од никаде и те носат кон никаде – никаде кое е надвор од твоите перцепции и сништа. Главната приказна чекаше маскирана – непредвидлива како торнадо кое се оформува во шепотливи прерии. Светлината на мугрите бесшумно и суптилно се појави од зад ридовите кои се граничеа со езерото – се чинеше како да не сака да покаже – како започнува ден. Беше како приказната за животот – се појавува од непознатото само за да исчезне во мистериозното. Задлабочен во моите сознанија дека – ноќите и дните се само перцепција на очите, потонав во сон околу 5 часот наутро.

Следниот ден – полн поезија и поети од секаде низ светов беа сведоци на настанот Мостови на Струга, а она што се случи по настанот беше поглавјето кое е инспирација за насловот на ова дело – Поетите кои украдоа кајче во Струга.

Само што завршив со лесна вечера во Хотел Дрим – каде се сместуваа поетите од фестивалот, и одев кон Паркот на поезијата – кога еден бразилски поет Марсио Андре се појави зад мене трчајќи со две лименки пиво. Мислев дека ќе лумпуваме и пиеме пиво цела вечер. Напротив, седевме на клупа зад едно дрво посветено на Пабло Неруда и размислувавме за еден стих –  тагите немаат клупи за да се успокојат од една поема на Ендре Русет која ја беше прочитал пред публика претходниот ден. Бразилецот кој секогаш беше на мисија одеднаш излета со идеја да украдеме кајче од брегот и да го весламе еден километар во водите на ова старо езеро. Што? Навистина? Да украдеме кајче? Да не си полудел? На мојот интелект му снема енергија и оваа ненадејна идеја на Марсио беше како стимуланс во моите вени. Сето ова беше дополнето со спонтано Да, да, да! од Марсио. Веќе украдов нож од хотелската кујна токму за оваа намена, додаде тој. Неговата тактика беше да се исече едно од јажињата со кои ги укотвуваа кајчињата на брегот. Отидовме до еден паб во близина за да се напиеме по неколку чашки текила пред да собереме храброст да изведеме такво дело без страв да бидеме зад решетки во странска земја. Додека стануваше го прашав, Сè уште си сигурен? Ми се насмевна пакосно и ме одведе повторно во хотелот. Може веднаш да го сториме тоа, реков. Уште некој ќе ни се придружи, очите му светеа со убиствени идеи. Во тој момент Хари Мен, англиски поет кому таа вечер му беше доделена наградата Мостови на Струга, застана до нас со бел пешкир во рака. Може…, извика тој. Аскетското лице на Хари се насмевна како Г-дин Бин, а Марсио – чудно облечен во црно палто и бели шорцеви танцуваше наоколу со украдениот нож. Немаше бегање од оваа авантура. Немаше враќање назад. Излеговме надвор. Беше 2 часот по полноќ.

Марсио тргна лево од хотелот, а ние по него газејќи по неочекуваното. Одевме бргу кон брегот на езерото каде кајчињата беа врзани со јажиња. Спремни да пливаме па да се возиме со кајче, Марсио го откопча своето палто, а Хари неговата кошула додека јас стоев зад нив и лебдев како змеј – дали да се ослободам и полетам или да останам врзан за земјата. Марсио ми ги сосече грижите така што ми ја скина кошулата и можеби – ја чекав оваа поволна прилика – за да се нурнам во авантура доцна во ноќта. Како што полека навлегувавме во езерото пријатна топлина ги пречека нашите возбудени срца. Единствениот звук – водите кои се движеа околу нашите тела, а ние се почувствувавме како три духа кои се живи и дишат во тишината. Далеку од нашите домови, учествувавме во операција за која не бевме ни помислиле да ја направиме во нашите земји. Восхитуваше живоста на несигурното. Одеднаш Марсио се проби низ водата кон едно кајче и јас тргнав по него. Го зема украдениот нож и го пресече јажето кое го прицврстуваше кајчето за брегот. Го направивме тоа! На почетокот се двоумев велејќи, Нашиот углед е во прашање Марсио. Каков ебан углед, извика тој и почна да го турка кајчето кон длабокото. Помислив дека ова е грешка, но тогаш нешто светна во мојот пијан ум, Се плашиме од претпоставени грешки и продолженија – бидејќи потрагата по обидите и грешките во животот е полна со дилеми. И како што стануваме преморени во нашата потрага по вистинска среќа која ќе ја постигнеме со ʹдостапните ресурсиʹ и ʹразбирање основано на информацииʹ, стануваме трагачи – трагачи по самата природа на енергијата која што нè создава, нè одржува и нè ослободува. Парите, славата и моќта се во нашиот видокруг. Треба да се обидеме да погледнеме нагоре, над сето тоа и да ја сфатиме вредноста на нашите движења – пред дисциплината на ротирачки планети и бездомни астероиди. Самата хипотеза на провлекување во светот на грешките нема да направи никакви преметнувања. Никогаш не треба да се плашиме од предвидливите тешкотии додека експериментираме со нашата енергија. Родени сме од енергија и таа енергија очекува од нас да го декодираме нејзиното постоење во секој наш здив.

Не размислувајќи повеќе, скокнав во водата туркајќи го кајчето подлабоко во езерото. Марсио почна да весла, а јас и Хари пливавме наоколу.

Како што се подготвувавме да се качиме на кајчето и да го прогласиме езерото за наша сопственост – видовме батериска светилка на брегот – светеше кон нас како сноп светлина од светилник. Пред што било да сфатиме, некој почна да свирка од брегот – крајбрежна патрола. Без да губиме ни момент, се нурнавме во водата трудејќи се да не нè забележат. Стражарот дојде со педалинка за да ја ослободи својата сопственост од канџите на тројца луди поети – крадци. Навистина се трудевме да ги задржиме главите под вода, но како што нѝ снемуваше воздух – така се појавија нашите накиснати и подли лица. Вие крадете кајче, ќе се јавам во полиција! човекот паничеше додека го вадеше својот мобилен од џеб. Не, не ние го видовме кајчето во езерото и дојдовме дотука за да го спасиме. Немојте погрешно да ја сфатите нашата доблесна акција старецу, излажав безобразно. Хари ме погледна право во моето бесрамно лажливо лице додека Марсио извикна со неговиот глас вечно полн со ентузијазам Не полиција…Поезија…дојдени сме за струшка поезија! Хари додаде да и ние ќе ви помогнеме да го извлечете кајчето од тука. Туркај Сонет, туркај Марсио! Почнавме да го туркаме кајчето и некако успеавме да ги отфрлиме сомнежите на човекот за нас. Го убедивме дека сме поети и дека може да се избегне вклучувањето на полицијата. Бевме премногу возбудени однатре, но однадвор личевме на светци. Се измолкнавме за влакно, но не успеавме да ги контролираме нашите насмевки – лудуваа во нашите навидум сериозни образи и усни.

Го дотуркавме кајчето до местото од каде го земавме. Брзајќи назад, си ја зедовме облеката и почнавме да итаме кон хотелот. Накиснат, задоволен и смрзнат ги прашав Марсио и Хари за ножот. Каде го скривте? – Во кајчето е, се насмевна подмолно. Ми требаше добар сон. Беше скоро 3 часот по полноќ, но епилогот допрва требаше да се напише. Застанавме кај едно албанско кафуле кое беше затворено. Неколку луѓе си седеа и се релаксираа пред кафулето – подоцна нѝ кажаа дека тие биле сопствениците. Се претставивме како тројца поети од три различни земји, а тие донесоа лименки пиво и фудбалска топка од внатре, нѝ пуштија гласна музика за да танцуваме и почнавме да играме фудбал. Четворица на тројца – бевме страшно поразени. Одеднаш, ми се доближи еден тип со кофа полна мраз и ме предизвика. Беше ладно, но мојата ревност ме грееше. Го прифатив предизвикот двапати, а за тоа време Хари и Марсио танцуваа околу мене како лудаци. Ова беше како еден вид прославување ПОБЕДА над скорешната триумфална авантура со кајчето.

Се вративме во нашите соби околу 4 часот наутро и се струполив врз креветот. Се надзираше едно необично чувство на успех. Понекогаш успеваме во животот без никакви вистински постигнувања. Понекогаш постигнуваме успех изложувајќи се на нашата непосредна околина. Можеби таа ноќ ја разбравме Поезијата подалеку од настанот Мостови. Оваа приказна која стана трач на многу фестивали можеби ќе избледи со време, но водите на Охридското езеро и планините наоколу засекогаш ќе ја мрморат на секој оној што ќе ги посети во глувото време од ноќта.

Сè уште можам да се присетам на мирисот на таа ноќ и на нашата силна ревност тој ден за време 53-тите Струшки вечери на поезијата. За луѓето како мене кои веруваат дека поезијата е возбудлива како цутењето на цветот, таа ноќ беше како песна која дише.

          Превод: Магдалена Симионска

 

За авторот

Сонет Мондал (Калкута, Индија) е автор на четири поетски книги, и главен уредник на The Enchanting Verses Literary Review (www.theenchantingverses.org). Неговата најнова книга, Ink and Line, е во коавторство со Сукрита Пол Куман. Читал и ја претставувал Индија на фестивали во Македонија, Корк во Ирска, Истанбул во Турција, Гранада во Никарагва, и во Словачка. Неговата поезија е преведена на хинду, италијански, словенечки, словачки, турски, македонски, бенгалски и арапски, а објавена е во Азија, Европа, Австралија и Северна Америка. Сместен е меѓу мајпознатите индиски автори во списанието Форбс во 2014 и 2015 година, и меѓу петте најпознати млади Бенгалци во India Today magazine.

Неговите скорешни дела е објавени во Kyoto journal, Irish Examiner, the World Literature Today, the Mcneese Review, Palestine Chronicle, Drunken Boat, Indian Literature, Asia Literary Review и Two Thirds North. Гостин-уредник на Poetry at Sangam во 2017, Сонет е куратор на Odisha Arts & Literature Festival, Индија.

Добитник на Gayatri Gamarsh Memorial award for literary excellence во 2016 година, Мондал е еден од авторите во проектот „Сребрени патеки“ на IWP, University of Iowa, од 2014 до 2016 година. Песните на Сонет во словенечки превод на Барбара Погачник се објавени во ноќната програма на словенечкото радио и телевизија во 2016 година и вклучени во Modern English Poetry by Younger Indians на Sahitya Akademi, уредено од Шудп Сен.

Мондал водел индиска културна делегација на фестивалот Ars Poetica International Festival во Словачка во ноември 2016 година, настапувал на фестивалот Cork International Poetry Festival во Ирска. Бил на резиденција на програмата за креативно пишување на Sierra Neveda College’s MFA, Мондал ја претставуваше Индија на десеттото издание на International Istanbul Poetry and Literature Festival.

Пред ова, Сонет читаше на Струшките вечери на поезијата во Македонија во 2014 годиона, водеше поетски работилници на Uskudar International Poetry Festival, во Истанбул во 2015 година, зборуваше на International Young Writers’ Meet, во Истанбул во 2016 година и беше дел од International Poetry Festival of Granada, во Никарагва во 2016 година.

 

Напомена: Текстот е првично објавен од меѓународното списание „Блесок – литература и други уметности“  бр. 117 декември, 2017