Почина писателката Вера Чејковска, македонска поетеса, есеист, Доктор по физика, сеизмолог и раководител на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот П.Е.Н.центар, каде што има работено како секретар од 2006 до 2008 година, како и член на Друштвото на физичарите на Македонија.

Вера Чејковска е родена на 16 октомври 1954 година во Скопје. Завршила Природно-математички факултет во Скопје. Постдипломски студии по Физика на внатрешноста на земјата завршила во Загреб, Хрватска. Има работено во Сеизмолошката опсерваторија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Член е на ДПМ од 1987 година. Нејзините научни трудови (на македонски, српски, хрватски и англиски јазик) вклучуваат монографии и научни студии од областа на сеизмологијата. Во голем број домашни списанија, антологии и други изданија објавени се дел од нејзините книжевни есеи по наука и уметност, како и книжевни и научни преводи од англиски, руски, српски и бугарски јазик. Била уредник во неколку македонски книжевни списанија. Ги добила македонските поетски награди: „Млада Струга“ во 1976 година, „Кочо Рацин“ во 1992 година, „Ацо Шопов“ во 2007 година и „Браќа Миладиновци“ во 2014 година. Почина во Скопје по тешко и долго беледување на 19 ноември 2018 година.

Нејзиното литературно творештво опфаќа: на македонски јазик следните поетски книги: „Човек и врата“ (Скопје: Сојуз на литературни дружини и клубови на младите од СР Македонија, едиција АЛФА, 1975), „Множење на словото“ (Скопје: Наша книга, 1986), „Опит“ (Скопје: Македонска книга, 1992), „Отсуството на Благиот“ (Скопје: Македонска книга, 1993 7 избор), „Рабови“ (Скопје: Матица македонска, 2007), „Отсуството на Благиот II“ (Битола, Микена, 2008, 7 избор, 78-ми том од проектот „Македонска книжевност“), „Моите веди“ (Скопје: Дијалог, 2013) и збирката раскази „Чејка и чајка“ (Скопје: Или-или, 2015). На албански јазик: „Leximi i drité’s“ (Читање на светлината; Скопје: Бата прес, 2000). На англиски јазик: „The Absence of the Mild One“ (Отсуството на Благиот; Skopje: St. Clement of Ohrid, National and University Library, 2011 7 78-ми том од преведувачкиот проект “Macedonian Literature in English”).