Николина Андова со нејзината дебитантска книга „Влезот е од другата страна“ е годинашниот добитник на наградата „Мостови на Струга“ на „Струшки вечери на поезијата“. Наградата оваа година за прв пат се доделува на домашен автор.

Книгата импонира со своевиден занимлив поетски исказ кој вниманието на читателот го привлекува со својата необичност и провокативност, проткаени низ префинета иронија и пародија присутна речиси во сите песни, без исклучок. Таа го актуелизира поетскиот субјект, го открива неговиот темперамент и сензибилитет, доведувајќи го поетскиот јазик во полна кондиција на нови откривања, значења и вредности.

Досегашни добитници на оваа награда се Ангело В. Суарез (Филипини), Андреа Коте (Колумбија), Маријана Гејде (Русија), Мануа Рима (Белгија), Антонија Новаковиќ (Хрватска), Усман Сар Сарус (Сенегал), Сим Кера (Естонија), Хироши Таниучи (Јапонија) и Франсоа Ксавие Мегр (Франција).