Запенет
галопира кон моето срце
Длабоко го сеќавам трепетот
на неговата намовната кожа
Ме гори огнот што му фрчи од ноздрите

Стуткана
во својата чаура
се премислувам дали да му ја отворам
портата

Доаѓа
од дамнини
изморен од потрагата
Копа со копитото во тврдата земја
и гледа молежливо кон вратата
со своите водени очи
(Во нив спијам јас некогашната)

Избеган
од едно дамнешно лето
се втурнува во сликата
на мојата недоцртана пролет
Подотворам
кроце
внимавајќи да не се разбудат
ушите зломислени

Дошол
дотука и не се откажува
Пак ќе висне пред новото утро
и ќе ми ги побара очите
И ќе доаѓа така ден по ден
да ме припитомува
мене
дивата

Дише
кротко
атот
во дворот
и ми ја грее душата