Господе наш, стоиме пред твоето непостоење,

те молиме, послушај нѐ нас,

како што празнината голта змија од чад,

зашто сме молители и копнееме

во светот што гори зад синорот на приказните

да бидеме семоќни деца.

 

Поднеси го нашето молење  како што ние

ја поднесуваме немата болка на животните,

и сврти го времето од неговиот пат,

зашто се стопија рабовите на постоењето,

на бреговите од слободата ќе плиснат

металнокрилните бранови на слепата волја,

и секој секој збор ни е трескава жртва.

 

Веќе сѐ сме освоиле од непознатото,

нашите грабливи копнежи го испитаа

и најтаинственото катче

па сега ти се молиме тебе како што

човек му зборува на претсмртник,

ислушај нѐ, но тргни го од нас

твојот оловен поглед, светот вџашено

се втутка во нас, во широки кругови

го шмука назад своето значење, и веќе

те гледаме како Џордано Бруно

кога твоите џелати ја запалиле кладата

во цветниот пазар на Кампо дел Фиори.

 

Да, така те гледаме ние, доцнежни еретици,

низ вечно солзната завеса на Џордано,

се бранува пазарот, викачи викаат,

потонува светот, камен фрлен во водата,

во пазарот се прстенува срамот

димот на духот што се дави,

околу него восхитената зла толпа,

во кругот на шаторот на продавачот на цвеќе,

телата на латиците со овенат мирис.

Дух, душа, тело: така најпосле

се препознава себе човекот.

 

Ништожни сме, празна е молитвата

се искршија на станот ѕидовите од штици,

историјата доби пукнатина, во неа

влегува огнот, и нема каде да се укотви,

зашто ги изгоревме светот,

во нашиот мозок бршлен, во нашите гради

зовриен воздух се издигнува како кула,

исчезнува сѐ што ќе допреме,

нашиот поглед е пустински ветер.

Веќе само ти можеш да нѐ спасиш.

Жими Бога, ова е најмрачна мисла.

 

 

Превод: Паскал Гилевски