Што му дозволила да види,
пред да биде преобразен? Стапалото,
белиот глужд, грбот и
градите? Што се гледа
кога се гледа? Јас го видов
српот во нејзините коси. Го видов
грбот на светот во водата,
Ја осквернив водата, брзото
безумно газалиште. Ја разликував
светлината од светлината.
Потоа нема ништо.
Пчелите молчат,
птиците, облаците што одминуваат.
Како светот да ја гледа мојата патека
во водата. Видов ли нешто?
Моето крзно го прима ветрот,
се костреши. Го мирисам местото
каде била, каде го нурнала белото
стапало во водата, ѝ ја гребам
кожата на брезата, светлината.
Моите копита потонуваат во калта.
Превод: Ксенија Чочкова