Како смело ги допираме
мртвите нешта
уште од детството.
Бестрашните мали прстиња
ги подаваме кон камчињата,
кон сувите лушпи
на школките и полжавите.
И допирот ни го исполнува
духот
со спокојство.
Но, како нè изненадува
животот – мек и влажен
под тврдиот оклоп.
Се вџашуваме веднаш.
Инстинктот нè оддалечува
едни од други.
Телото се свива
во себе.
И ние се набљудуваме
со страв и чудење.
Среде сигурниот свет
на мртвите предмети
животот неочекувано
се судира
со живот.