Не викај калуѓеру
кога гласно кашлам
додека трае литургијата.
Не викај калуѓеру
кога го нарушувам
небесниот пев на псалтите.
Болен сум јас Балканец,
болен од историја,
болен од војни,
од пожари и од
погроми болен.
Не викај калуѓеру
зашто уште малку
ќе бидам тука,
а дали ќе одам
кај Бога или другаде,
во светиов храм,
тоа само Он го знае,
Он и никој друг.

Септември 2010
Хилендар, Света Гора