Реплика кон кажаното од В.Х. Оден и Вилијам
Карлос Вилијамс во врска со сликата на Питер Бројгел
„Пејзаж и падот на Икар“
И што ако претпоставиме,
дека никој освен нас, гледајќи во оваа слика
(вклучувајќи го и сликарот, секако),
не може да го види исчезнувањето, во водите,
на една свиткана и на една исправена гола нога
( без сомнение – на момчето паднато од небо),
ако претпоставиме
дека ниту орачот, туркајќи го ралото,
ниту овчарот, свртен со грб кон морето,
ниту некоја од овците,
дури ниту екипажот од прекрасниот брод
кој се лизга со толкава грациозност сосема близу
до давеникот,
ниту оној маж на брегот, наведнат кон него
( ако црвената шапка не укажува
дека тоа е уметникот лично
и следствено не е како другите,
а ако тој едноставно е рибар
зафатен со своето дело) –
Никој од нив
не можел да го чуе шлапањето
на паднатото тело,
да го види неговото бурно потопување,
ако претпоставиме, велам –
бидејќи можеби токму таква
била волјата на творецот
на тој намален свет внатре во рамката:
да покаже истовремено
во едно општо пространство
две неусогласени реалности –
едната од оваа страна, позната на сите
и другата,
која понекогаш бледо се проѕира по својот раб –
другата,
во која нема орачи, овчари, рибари
и бродови што брзаат,
туку само чудовишта со огромни рогати глави
врз човечките трупови,
магични лавиринти и кули,
и момчиња, кои се вивнуваат кон сонцето
со неверојатните восочни крилја,
ако претпоставиме …
Тогаш
кој ќе знае, дека некаде може да постои Икар,
кој ќе го чуе и види со тукашните сетила?
И дали ако некој навистина
сепак ја пробие умствената карпа
и се истегне да го извлече на суво,
за да го спаси
од неговата претскажана
многукратно напишана
и затоа бескрајна гибел,
дали тој некој
нема со тоа засекогаш да го убие
како што рибарот на Бројгел
би направил со својата риба,
доколку му беше дозволено да ја извади
во нашиот воздух?