Крвта била најпрво црна,
но бојата ѝ се сменила во црвена /
мастилото било најпрво црвено
но бојата му се сменила во црна.
Абулафија

 

Товарен воз чиј товар е океан растоварен липа во ноќта
Крокодили во песочни дини зрна на тротоари   кревети
и ќебиња   липањата влегуваат под кожа стенкањата
капењето течењето оти ние сме такви мед и отрови
што капат и сите ѕвезди проголтани во самите себеси како точки на горење
јаглени од изгаснати цигари и ноќната леплива кожа стенка
и се превртува жешко е во собите и високите згради се гробови со
украсени надгробни плочи и малите се занемарливи надгробни плочи во градината на животот возови
бегаат од моиве вени јачат ништо не може да биде толку тажно освен еден липтеж
кој избликнува од исчезнатата далечина во тишината на гигантските далечини
кои без зборови ја мерат самотијата која е створена од гужвата
на љубовта која е наблизу во време кое е истурено како масло во шишиња
и шишињата се затворени со чеп од време дури го месат лебот од нерви и солзи на
бедниците
одненадеж бременостите на ноќта се отворени како долапи кои ги повраќаат сите алишта
не како ковчези со богатство кои одлучиле по долги времиња даси ги разголат светлечките дијаманти
ние пишуваме во мракот на ноќта и мракот на крвта врз згорнината на кафените дини,
сивите дини на работната-сила оти ние сме робови пишуваме врз нив
кога жолтеникавата светлина и азурната сјаат мрзливо врз нив и колку многу акации се
раштркани
претпазливо, можеби посадени можеби лутаат со песоците што ја фаќаат што ја држат
за сите нас оваа црнина црнина која беше истурена кога Бог го создал светот
пишувал со светлина врз темнината на длабината и духот кој реел
бил исто како гулабица или птица и тронот на славата исто реел на лицето на водите
сите мирни зависни висечки и растресени малку нељубезни од платформата создаваме
мастило од темнината на ноќта од темнината на крвта која протекува во нас од земјата здравица на солзи и се трудиме
да ги пишуваме работите чија блескавост ќе е плодоносна во нас во меѓувреме сè повеќе возови
се испраќаат во ноќта и тука се оние кои спијат мирно во времето
кога рееме над креветот и постелнината не нè апсорбира ние
не потонуваме чекаме напрегнато за мигот кога ќе бидеме земени следниот ден ние сме
уморни изгребани и не само возовите кои бегаат во ноќта се тажни
со товарот на Мртвото Море кое е растоварено купишта и купишта украдени богатства
дури и белите ридови се истурени се рушат во мојов ум растресито
и малку калливи со сите буништарци гуштери грмушки пелин
и потоа наутро весниците со истурени наслови наслови глисти глисти
ползат ползат како да сме живееле подземја црви и глисти
како под нашите тела желките да пловат живи тие кои ја пресметуваат смртта од моментот
на почнувањето и потоа доаѓаат железничките станици и автобуските станици и мелниците
кои стојат и се движат чекорат седат паѓаат покрај нив среде ридовите
подвижните заспани кучиња се проголтани се прибрани на квечерина и изџваканите остатоци
се изџвакани одамна повторно во фабриката на ноќта имам вести кои ќе те изненадат
добро е да умреме за нас самите иако тоа те пресекува во средината на животот иако
си изгубил години ништо тоа не менува ако сме родени за нас самите одненадеж ќе се вратиме
во собите кои нè заборавиле прашливите усти на мртвите ќе се отворат
со изненаденост ќе бидат збунети за миг дали да речат здраво или не оти ова е одамна забрането сите го изгазивме кога лежеше врз прагот создадовме блага околина
нејасна со мирисот на цимет и рози и лепливите парфеми на моментот
подлизување комплименти ласкање и да нема надеж за кодошите некоја жена во
кафулето се мачи да ѝ објасни на пријателката како ќе изгледа животот со искупение
со деца да ја подигне разликата помеѓу самотија и изолација, одделеност, додавам
во срцево а во врска со прогонов тој е разликата помеѓу изолација и самоволна самостојна
медитација,
човекот, рече Ури Зви Гринберг, го трга над глава како љубовнички балдахин
заостри ја забраната врз тебе во внатрешен независен став
и повторно започнувам од гробовите некој друг го бара Бог ако
не го бара тоа е грешка како може да пишуваш етика на тој начин ме прашува таа ова не е грешка
туку избегнување некојѝ одговара и ги додавам во срцево оние кои пишуваат за
етика пред лицето на Бога и за добар менаџмент го бришат од естетски причини
тоа што се меша со етиката се трудам да го стимулирам тоа што умре во мене баш сега
живеам во големите црни пространства на ноќта
кои се протегаат преку преполните бели пространства на изминати часови и тогаш
се будам за единствените мигови кога транзицијата од темнина кон чистите
небесни сводови е апсолутна и јасна во тие моменти сите лутања
се објаснети за мене ги заборавам градовите од кои сум дошла и кон кои одам
отсечена сум од јаловоста на самотијата исто колку од јаловоста на љубовниот калабалак
робинка сум на сираците и на старците како што сум робинка на љубовниците и на мразачите
господарка на себеси тивка сум горчлива и бурна поблиска до клукајдрвецот кукавицата
бара плен
како гладната мачка на ноќта јас минувам просто минувам и кога денот заминува и
висината
на жолто-кафените ридови е изгазена под новите друмови прегладнетите чакали
облекуваат темни костими некои ставиле и вратоврска на големата маса за состаноци
седат фрлаат коцки енергично не како оние депресивните
кои уште играат табла по бегалските кампови, фрлаат ждреб и јас трчам со
мојот бледникав кашест мозок кој станува избришлива табла на крајот на краиштата сета поезија
е нешто кое чат-пат умира и е закопано и останува и не се враќа назад
не се брза и ти си тивок си тивок служител на времето ти си другар на робови со твои
години
на време си, твоите пеколи се во вселената, заборавањето и помнењето се само взаемни делови
некогаш вакви некогаш такви и купишта амбис кој патува здола и ги полнат
пукнатините
се движат или заглавуваат, ги менуваат и менуваат повеќето од оригиналните екстремитети
и одненадеж во миг повторно гребе како да живее крцка под тебе како што
крцка количка преполна со јажници земјата што те носи распукува
душекот е скршен чаршафите се потат самата си го ископала гробот вели
скапаниот уморен монотон глас го застрелала право в срце жена и маж
маж и жена понекогаш во нивната самотија сите нивни вести  се движат во тензијата помеѓу
куче каснало човек не е вест човек каснал куче е вест каков е овој монотон
глас како врисок од друг сон пробива заедно со завивањето на патувачкиот
чакал кој пристигнал
од Мртвото Море ѕвечка со товари кои не се од овој свет хемиска сол
и данок отруени времето е поделено е поделено на крајот на краиштата поезијата е редица
вагони која се растура врз мекиот песок и заминува без враќање кога
сака а понекогаш во лепливата ноќ кога си лежиш на твојот кревет како тело туѓо
кон околината одделено од креветот од слама и лисје и се будиш преплашен едно завивање
стигнува до тебе во мигот под команда. Твојата душа, осамена до момент на терор, цимоли како чакалица
расплакана напуштена тажна златото на мугрите е замолчено одненадеж блеска во тишината твоја
мугри расте блешти ја земаш сета оваа темнина од која си создаден
и испишуваш мугри врз синкавиот екран на компјутеризираните утра покрај сè
ти си само мртвото солено море кое сè уште сонува за риби „повикани сме да собереме
мемории за одредена цел“ јас тонам. Од преоптоварувањето со засладени
мемории или од преоптоварувањето од горчливите реалности можеби од парчињата нереализирано
месијанистичко време поезијата исто е проект на собирање и расфрлање
дури и волнените конци не се
формираат без чукање ние сме скршени со цел да бидеме поправени во секој момент во кој
завивањето се слуша празнината меѓу тебе и креветот отврднува сè повеќе
огрубува како влажни алишта кои се исушиле откако биле накиснати во морска вода како
да пловиш на солена вода од солзи колку уморен и да си не тонеш туку се навалуваш
поезијата е она што патува од темнината на крвта и кон неа и се стишува кога работите
се запишани во мастилото на крвта од другите во горчливи реалности умозрението
на пот на јаловост на самотија тогаш се чини како опресивна заситеност, како луксуз,
рикањето на гладот кое ги раскинува дамарите уште звучи како сирена но гласот
му е слаба бучава од пеење ти си мртов како морето со сите свои удавени риби и сите
искрадени хемикалии на твоите нерви постои ужасно умирање во закланите далечини
врескаш има живот кој е ограбен огради бариери корали човек сè е
пелтечење животот е ограбен ти врескаш ние сме сите загубени
ние сме останките од прашина и залутани песоци
мајки и синови и синови и татковци мориња и риби возови исфрлени од шини
се распаѓаат на песокот овде мора да ги браниме луѓето од самите себеси
свирки од секаков вид на возови од секаков вид од места погласни од сè.
На крајот сета поезија е само нешто кое пелтечи во моментот кога е потребен врисок.
Од прозорецот патникот со очи ширум отворени гледа во кој и да ги пишува графитите
кој е подобар во тоа носи пресуда – не копајте гробови за себеси
вие кои пишувате со човечко мастило, кое паѓа назад во запечатените кутии

 

 

 

Превод: Горјан Костоски