Како дете мајка ми не зборувала на јазикот

на својата мајка, туку на јазикот на оние кои ја убиле.

Дури и се смеела, се надевала и тажела во јазикот на убијците.

Упаѓале средноќ, со црни бради и остри ножеви

и си ја присвојувале куќата.

 

Мајка ми никогаш до крај не ги кажува последните нешта,

се плаши да зборува за нив.

Дури и панталоните, таа преодна работа, ми ги скрои

во јазикот, измерен според некој друг

(затоа моите панталони се навидум бесконечни:

а всушност секогаш претесни, предолги, погрешен крој).

 

И така јас, ќерка ѝ, сум присилена да голтам туѓи јазици,

да перам леб во туѓина и на туѓинци да им перам алишта.

За да сум чиста и сита, мора да сум гладна и гола.

За да сум гола и гола, мора да сум поставена пред ѕид,

да се удрам од бескрајниот факт на бетонот.

 

Затруениот јазик го шири својот тивок и таен живот:

го чувам во лебни трошки, го пробувам во скинати конци,

џвакам дупки во ткаенината,

таа жилава, груба обемност, таа жива смеса од прав и вода –

 

го сознавам кога другото и своето до крај се мешаат,

кога не знам повеќе која сум

ако сум воопшто некоја –

и сите сме роднини, толку сами,

без граници за она што низ вратата

продира во јазикот –

а кој, ако воопшто некој,

да му ги земе

(а како да му ги одземе)

ножевите и трагите од ужасот?

 

Мајка ми што ја нема повеќе, тогаш го отвора јазикот.

Лиже крв и измет од младенчиња.

ги тенчи срцевите комори и ги цели стомачните рани,

ѕидови топи, и врати и прозорци.

Рапавиот мускул нежно ги буди:

оние што цело време кенкаат

и оние што однатре се соѕидани во сонот.

 

Препев од словенечки јазик: Лидија Димковска