Како да те именувам, многуимена
кога и грешница за каменување си
и светица за обожавање

Кое име да ти го дадам
тебе трептежна измамничке
тебе сону недосонет
тебе прокобо непрокопсана
Како јагула неподатна
ми се лизгаш низ прстите на мислата
со поглед нурнат во длабочините

Како сува песок ми се рониш меѓу жешките денови
на далечното лето што царува
легнато врз татковите ниви

И во сладоста на првите раскласени пченки во Бориево
те мирисам
и во топлите печени костени на калдрмата во Скопје
Невидлива и сеприсутна
Со сите здивови и допири во себе –
Како да го наречам твоето чудо
љубов, мајко многуимена?