Чувствував дека тонеме.
Водата навлегуваше во темелите на бродот,
Вода, мрсна, црна вода,
Тешка како земја,
А ние ја напуштивме палубата
Во незавршена кавга
И слеговме во долниот свет,
Меѓу водата и тињата,
Замислувајќи ги границите на просторијата под палубата
Како граници на еден завршен свет.
И никој не сакаше да го дигне погледот,
За да ја задржи главата над вода
И да ги согледа контурите на островот.
Ветувањето на далечниот брег.
Чувствував дека тонеме.
Нешто посилно од вода нè мамеше во водата.
Нешто старо како вода.

 

Превод: Никола Кукунеш