Што останало од бесмртниот поет
освен една куќа,
во која пред многу години
вечерал со пријателите
и си ја милувал жената –
една куќа,
сега под опсада од туристи
како варварски орди,
кои јуришаат по скалите,
се пикаат по ќошињата,
бараат нешто одамна разграбано –
како непознатото нешто,
што го покривало голиот скелет
на диносаурусот
во Кралскиот природнонаучен музеј …
Што останало од поетот
освен столот,
на којшто седел тогаш,
и префрленото, преку него,
старомодно палто,
и високата шапка,
и бастунот,
со кој се шетал
долж брегот на големото езеро
во влажниот ветер
и ги гледал далечните облаци
и трските пред своите нозе…
Што останало од поетот
освен очилата во онаа витрина –
со истите рамки од жица,
коишто му врежувале црвени траги
зад ушите,
но, веќе без поглед низ нив…
И стиховите –
се разбира,
и стиховите.