Вергилиј, IV буколика

„И одново ќе биде пратен под Троја големиот Ахил”
И одново ќе биде откриена Троја
На секое место на кое
Големиот Ахил се преправал
во дете на својот гнев,
Во родителот на својата лудост.
И повторно ќе биде исковано оружјето,
Ќе блесне свет во муграта на штитот,
Немото железо ќе прозбори по плоштадите,
И повторно градовите ќе бидат утврдени од опсада,
Во опседнатите градови ќе се менува
Ден за ноќ, и денови за години,
Кралства за покорност,
И повторно ќе бидат срушени градските ѕидини,
За, најпосле, да се вратиме дома,
Меѓу непознатите домашни,
За повторно да се дигне опседнатиот град.

Превод: Никола Кукунеш