Последната косидба е уште еден тивок ритуал.
Не е задолжително, ама е добро,
а и убаво, бидејќи нè враќа во август,
време кога косењето е заразно како и проѕевањето,
кога ќе го запалиш моторот и ќе тргнеш,
а кога првпат ќе застанеш,
го слушаш сиот моторен хор од блиската
далечина, од сите страни на светот.
Сите ја совладуваме тревата, глумејќи крави,
глумејќи соседи во предградие на Чикаго.

Последната косидба е поубава и помашка:
сам си во тоа, често е магливо и самрак.
Ѝ правиш нешто грдо и болно на тревата
во нејзина корист, како лекар или татко.
Водиш сметка за машината, ја бањаш пред сон,
го изливаш бензинот, се занимаваш, како што не се занимаваш никогаш,
затоа што си филолог, писар и геј, со масло и челик. На крај
ја заклучуваш вратата, издишувајќи едно „сè е подготвено“ –
сега може да дојде зимата, сега можат долгите ноќи без растење
минати далеку од земјата,
оттаму е воздишкта.

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш