Денес
ништо не може да ме повреди
Со сигурна рака
едноподруго ги одлепувам гримасите
ги фрлам заткуќи
и полека почнувам да се обезличувам
Од ништотна прашинка се издигнувам
до природен облик на празнината
Во мене тихум проблеснува сончевината
и ‘рти зеленилото на младоста заробена во срцето
Низ мене дува ветрот брат на есента
и тропаат зрната град
претходници на зимската осама
Денес
туѓо ми е сè што е човечко
Се реам над покривите со заскитан поглед
и едно станувам со облаците
Не допираат до мене поуките за здрав живот
лекциите за успех во бизнисот
и твоите зборови што се обидуваат да ја воскреснат
љубовта
Немоќна е мислата да ме насели
Безвремена
Мајка сум на плипот чеда
што спокојно кружат околу празнината
Од мојата душа сите во себе носат делче
распрснати низ вселената
Од сите побунети ангели
покајникот ми е најблизок