небесните висини на задушливото утро се уриваат
обилно во собата, создавајќи неред, матникавост
и неодреденост, сите во вители на сивото,
како бунилото, неизвесноста, тегобноста:
веќе никаков бог, никакви молитвеници немаме
со лили пред пламените на свеќите, свеќите
кои го играат ритамот склопен од излитените
зборовни согласности, излитените зборовни
согласности искажани со грчења на рујните усни
над пепелта на сеќавањето, огледалата огледуваат
нејасни долини, долини насадени со подзаборавени
вкусени редоследи, високите балконски врати
се само искушенија обраснати со глуварки
и населени со јата глуви гулаби,
искушенија пред кои владее стравот,
стравот од зачекор,
како пред двери од онаа страна