Од променливоста на времето
се браниме —
пршлен на пршлен.
Зглобовите на твоето тело
треба да бидат точки
на целиот скокотлив развој
на мојот ‘рбет.
Лежиме грб со грб,
се стискаме
до својата претстава за себе,
детски
сокривајќи го лицето со рачињата.
Но ние сме поврзани и на друг начин,
сијамски,
како две фази на наизменична струја.
Еднаш ти една, а јас друга,
потоа обратно
бесконечно брзо,
вака или онака
сеедно,
бесконечно брзо, вака или онака,
сеедно…
Испреплетени сме,
виртуелно,
со виртуелни, фотонско-генетски
светлосни синџири
што ни ги одржуваат лицата
во хеленска младост,
па дури и им додаваат
храброст на утврдените ставови
за бедровата комплементарност
на златната средина и фотосинтезата
во нанопросторите, од кои
некои ги чувствуваме сега,
во космичката темнина
под јорганот,
а она што го слушаме,
изгледа како дабинг
со сончево потекло.
Превод: Славица Гаџова Свидерска