Садови, земјени, напукнати,
сепак употребливи, долго стоени
надвор и на дожд, се лупат
убаво, како и кожата. Наликуваат
на делови од природната машина
за одеци, на своите денови
одбивајќи ги одѕивите. Служат
за водата да поминува низ нив
и да заостанува, и очигледно
да ги покажуваат функциите на земјата
од која настанале, кревајќи го горе
гнилежот, ’ртењето, билјето.
Во ќошот од градината, под живата ограда,
лежат празните садови (тука е
нивната соба), ја чекаат пролетта
на новите вдомувања, дотогаш
тивко повикувајќи ја мовта,
сè позачестено.

 
Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш