Ти сакаше така, пресечен на три, да ја поминеш
тивката река Љубљаница
да го заробиш, на крајот од мостот
лушпестото суштество на плочникот
кое се врти таму, на тоа место
како кружна моторна пила.
Мајка, во солзи, со торба со зеленчук во рацете.
Можеби ќе го собере таа, од земјата, со рацете,
месото што го искорнале од твоите коски.
Затворено трето око.
Мајка, таа би знаела како солзата се собира во тебе,
стуткана како дива мачка,
според законот на најмалата површина
врз која можеме да ја рашириме болката.
Како една солза се врти таму, на тоа место,
секогаш мрачна, како дупчалка,
овој вир од крв со којшто ти ги загреа скалилата
на катедралата,
ѕидовите, ритамот на стрелбата;
солза во која мајката ги мие долго време,
како по изгубен син, откорнатите нокти,
табаните на нозете.
Позади е тројниот мост:
по кој ти си одиш, ако си одиш,
по кој ти доаѓаш, ако дојдеш,
по кој ти си одиш.
Затворено трето око. Неговата бленда.
Превод: Надица Николоска

*Париетално око или таканаречено “трето око” се среќава кај рептилите, најчесто кај игуаните. Не им служи за гледање
туку за откривање промени во светлината, што им помага при заштита од предатори.