Фини мазни ѕидови.

И фини мазни маси.

Фини мазни премини и фини мазни патишта.

 

Фини мазни глетки:

без ѓубре, без чад, без кал.

 

Без размачкани мртви птици.

 

Фини мазни тела.

Без мозолки. Без влакна и без масти.

Без чмарови или лактови. Без колена.

 

Фини приказни.

Без празнини во приказната меѓу полноќ и доцнежност.

 

Фини мазни транзиции –

од пеленче до нокширче;

од забава до свадба;

од новороденче до средно школо до работа до пензија до сон.

 

Фина дикција.

Без граматички грешки.

Без непријатни концепти за себеси.

Без триење од други погледи на светот.

 

Без сомнежи за краевите.

 

Без муртење за она што кажала баба.

 

Без Тројанци.

 

Без пукнатини во стаклото.

 

Без неколонизирачки погледи.

 

Без пусти земји. Без лиминални субјекти.

Без септички јами каде општоприфатената верзија се распаѓа во мракот.

 

Без проектили. Без бомбаши самоубијци.

Ниеден детски јагленосан череп кај нозете од креветот штом се разбудиш.

 

Без леопарди. Без кафеави змии. Без тикови.

 

Без тетки кои го прославиле Божиќ растурени во облеката.

 

Без искакани, распрдени пудлици.

 

Без тумори. Без грутки крв.

 

Без страдање.

 

Без болка, точка.

 

Без живо месо. Без ерос. Без раѓање и без смрт.

 

Само слевање на знаците еден во друг.

 

Со широк спектар интересни опции –

и шансата да се оценат и приспособат.

 

Само мирна и сеприсутна града од одлука и последователност.

 

Водна линија од силно осветлени фоајеа и однапред смислен лаф-муабет,

губејќи се, во самракот, каде раствореното се среќава со морето.

 

 

 

Превод: Елида Бахтијароска