Самост е нешто што нема име или адреса
На оваа тема постојат неколку варијации, кои сите, овој пат, ќе бидат именувани:
Амалија

Прва варијација:

Има некој на улицата кој доаѓа секое утро и вреска пред затворената врата на
домот за старци
Амалија
Го вреска името како утврдена мелодија која се навраќа кон името десетпати
Со интонација која се менува и се засилува и станува сè поитна
Како однапред да знае дека нема да биде одговорена:
Амалија Амалија Амалија Амалија Амалија
Амалија Амалија Амалија Амалија Амалија
И човекот потоа си заминува

Втора варијација

Постои само Амалија девојката
Стои сама на прозорецот
Вреска колку што ја држи гласот
Откако мажот ѝ веќе заминал
Гласот ѝ е скршен од липање
Труд што го трудев со тебе зашто кој си ти
И зашто што сум јас не сум кралица тогаш за што што и зашто
Будалестата Амалија смислува туч и мака Амалија беше суетна
Работеше без награда
Без заслуга
Мизерната Амалија
Целодневен труд ти дадов цел саат труд ти дадов цела ноќ труд ти дадов
Безначаен труд ти дадов безброен труд ти дадов
Награда без надомест надомест без трошок
Зашто кој си ти зашто што

Трета варијација

Амалија е уморна
Сиот свет е тивок и нема врескање
Ловецот веќе стрелал а караванот си заминал
Ако некој свика по улицата крај куќата Амалија нема да чуе
Ако постои куќа Амалија нема да стои внатре
Амалија која побегна од планините и ја мрази дивината
И дури ни улицата не й е пријателка
Амалија си го рашири трудот како наметка
И издајство веќе не зборуваше за тие кои зборуваат издајство
Во свет на љубовници никој не е виновен
И во светот на мразачите е исто
Амалија ја отфрли од себе својата порта и куќа
Веќе Амалија не аргатува да ги затне дупките во ендеците
Макар и океанот сега да го поплави светот
Како липтежот кој сега го носи во дијафрагмата
Амалија веќе не е целата надеж за вечна љубов, „љубов ко во филмовите
Пред да се родиме“ Амалија една провидна ноќ виде дека таа е само наметка
Некој ја допре како кукли што се допираат терор ја обзеде
Иако наметката беше прекрасна и тој дури носеше и вратоврска
Амалија отфрлаше наметки од злато и разочарување
И замина до шините и бар да можеше сега да ја поврати нејзината разлипана Амалија назад во морето
И бар да можеше да ѝ ја одере кожата од неа
Оти вечно нејзината кожа е непотребна дури и кожата нејзина сега ја задушува
Амалија копнее за одмор камо некој бран да ја прегрне сега

Превод: Горјан Костоски