„Да се љуби е најнемилосрдно“

Ако се населиш во хотелска соба
на престолнината на една туѓа земја
и ако оттаму никогаш повеќе не излезеш,
никогаш да не проветрееш,
за да престане од улицата да се пробива
еден совршен и беспричински јазик
од непознати зборови низ долги години,
една чиста иднина,
смртно насетувајќи дека една квечерина,
како божем месечината да пее,
следејќи ја нишката на распадот,
ќе ти влезе низ вратата еден странец,
и ќе ја измолкне од под својот мантил
својата сјајна сребрена кама,
а потоа ти раскаже дека со години, откако
живее во главниот град на една туѓа земја,
во една хотелска соба во која сплел спомен
од совршени и беспричински слики
што напираат од улицата,
чисто минато, смртно насетувајќи
дека едно утро,
небаре гледајќи во Сонцето,
следејќи ја нишката на распадот
ќе влезе низ вратата на собата
и внатре ќе најде еден странец, кој
од под својот плашт ќе ја измолкне
својата сјајна златна кама,
велејќи: до крај стигна претскажувањето
и металниот блесок на чудото
ќе ги отвори каналите на љубовта.

Превод од унгарски јазик Паскал Гилевски