Гратчето се вгнездило во сигурниот
скут на планината.
Како сонлива мачка
во нозете на својата господарка.
Како дете
во пазувите на својата мајка.
И планината
молкум
го гледа со љубов,
покривајќи го со својот зелен јорган,
го засолнува од виулици и бури,
му ја испраќа најбистрата вода,
најслаткопојните птици,
а навечер го заспива
со иглолисни приказни.
Но, понекогаш,
кога планината ќе молкне
и уморна ќе потоне во сон,
гратчето ја гледа
неочекувано –
под стреите,
ја погледнува оддолу
и гледа дека –
таа е мртва,
таа е камена
и страшна –
камењар и куп карпи,
меѓу кои ништо не се гнезди
освен змии, порои и виори,
а тоа е само,
само и сирото,
под изгризаната черга
на ноќното небо.