О, кога би бил човек, кој би го разбрал демонскиот ред?
Од дното темно на згурата
кого би повикал кога би дошла бурата?
Каква мисла би ме повикала кога би се слеал
со идентичното? Како би го препливал светот
како измама со небесен ченгел?
Не, немам никаква врска со луѓето.
Користа се лее во нивните зариени денови,
се тресат од слободата, на ударот
на моите крилја се спушта ролетната,
во замрачена соба ја читаат оваа песна.
Душата ми ја шмукаат, а притоа
јас крвта им ја пијам.
Кога би бил човек, на семејната
црвена папочна врвца
би врзал хартиен змеј : своите желби,
и кога би стивнал ветрот,
би трчал сè побрзо и пострашно
со слободата кон пропаста што зјапа.
Вратичката на нивната памучна кутија
не би ја отворил, само би ги галел,
како мал транзистор.
Мојата љубена одејќи накај семејната куќа
свежи ѕидови ја милуваат. Би пишувал зборови
врз бела хартија, а не искри во чадот,
и ако во мозокот ми заспие делото,
тогаш мојата рака би размислувала.
Јас сум твојата смрт, не читај повеќе, мирен
жителу на станот, ќе ја дувнам жарта
во твоите очи отворени.
Знам, попладнево планираше излет
со семејството, да ја видите демонската шума,
можеби ќе видите ѕверови,
но верувај дека е тоа пропаднат план.
Подобро остани дома, додека трае мечот,
судбината нека ти биде куклен театар на силите,
и кога ќе се спушти завесата, батали сè.
Копнеејќи по една крајнеделна црна миса
не викај ме мене; твојот сунѓерест шепот
не може да ме извика од евлиниот парк
на моите демонски браќа,
каде што осамени ѕвезди светат во маглата,
каде што збогувањето не колва од човечката дланка,
и љубовта е златна кама, а не месена вафла.
Бегај од мене, човеку, бегај од суруткината длабочина,
ниедна твоја мисла не може
да ме задржи во твоите зборови,
зашто се измолкнувам од твоето постоење,
Сатаната одмавнува кон тебе,
ти си миленикот на бесмислениот живот,
ни во негативот на твојата идиотска вера
не ме препознаваш, а ниту
во животинскиот страв пред разделбата,
што ти го праќам, за да нема никаква надеж;
прстите на дрвјата од твоите соништа
се затвораат, не носи ново сонце новиот ден,
будењето се собира во тупаница,
„гризење на совеста“, овие зборови клокотат
во твоите гради, клокотлива граната од јајце,
осигурителна шајка е оваа песна.
Ја отворам. Бегај, човечки син,
не ми ја расипувај радоста,
ноќта која над тебе се издигнува како кула.

Превод од унгарски јазик Паскал Гилевски