крстови маршираат низ полињата
со дупнати чевли, насмеани, ранци
преполни со лонци, монети и кибрит, имаат
крути стапала, зајдисонца блескаат врз изгребани колена,
се мијат по бензински пумпи, мијат заби

крстови маршираат низ полињата
глави полни со дупки, сите се другари во бездната:
свирскиаите, раубосите, брезестите, боровите,
направени од даб, ела, јавор и кедар – – –
има слобода во дупките – темнината го знае ова

крстови маршираат низ полињата
над главите им летаат бројници од птици преселници
надгробни плочи од облаци – – –
нивните ровови и јазови се преполни

крстови маршираат низ полињата
патишта и мечеви се вкрстуваат, џебовите им се полни со гестови на презир,
палат огнови, готват чорба, топлат конзервиран грав
огнот го хранат со делови од себе, од сопствените тела вадат талпи,
добро ќе гори, кроце се движат – – –

крстови маршираат низ полињата
прдат гласно, животните ги избегнуваат
луѓето им се фрлаат пред нозе, ги накрепуваат на ѕид
џебовите им ги празнат, ги протресуваат, и грлата им ги сечат дури
или ги тераат да танцуваат, да си го докажат потеклото, ги ставаат на крстопати за шега – – –

крстови маршираат низ полињата
нивниот пат не зјапа кон ништо, нема финална цел која свети
(светот – очи ископани – не можеш на слепите да им светнеш)
родното место им е никаде, и не го бараат да презимат, туку
да се откорнат самите
да се откорнат самите
да се откорнат самите од разгорената земја

Превод: Горјан Костоски