Како бог,
за миг сум како бог.
Седнат на високиот дрвен стол,
ја набљудувам таа кујнска корида
пред своите нозе.
Нашиот разбојник – мачорот Издрпано уво
довлечкал кој знае од каде и како
едно преплашено глувче
(малечка сива шепа живот со очи од тркалезен ужас)
и сега, ту го остава да се прибере и да побегне,
ту, пак, го зграпчува во жестоките канџи –
се мачи да го развлече
моментот на врвната наслада.
Јас седам на тронот и ја набљудувам
таа, од никого нарачана,
полуегзекуција – полуигра.
Во моите божествени раце се сите конци
на животот и смртта.
Едно движење
на мојот судбински прст –
и осуденикот ќе живее,
за повторно да има бркотница по златните стрништа
под милостивото сонце,
собирање зимница во тајните земни пазуви
и љубов – љубов среде миризливото сено,
и безбројни радости, какви што само
живо глувче може да вкуси.
„Ајде, помогни му!“
Колку е пргав светот на моето срце.
Но, умот е спор:
„А оној, другиот?“
К