Иако се со облик на знамиња, тие
Не се препуштаат на танц во ветрот;
Нивниот метроном (кој ли го измислил?)
Намерно е наместен да оди против насоката на ветрот;
Очигледно, си имаат тие своја скриена намера.
Кога израснуваат тие во темните делови на телата ни,
(Оф, страста за јавен настап на таа проклета ветерница)
Мораат да се ползуваат со заоблености, како би смогнале
Симетрично да ја изразат разликата меѓу птиците и скотовите
(Ангелите и лилјаците не се бројат тука);
Небаре нивната волја се развива да стане еден
Потфат, та како летањето исто да е
Начин на живот или постапка да се истера живеачка.
Ќе ја увидат тие потребата од рамнотежа,
Но ниту на едно знаме не му е грижа
За тоа; а змејовите си се задоволни со нивната радост.
Кога крилјата се исполнети, телото може да почувствува
Извесна леснотија, чиниш однатре испливува
Топчеста бова. Така, перките на риба што плива
Воопшто не се регресивна декорација, туку просто укажуваат
На тоа дека слободата на срцето треба да е симетрично со протокот на водата.

07.06.2000

Превод: Игор Радев