Човечкото постоење е како мртов јазик
од кој останува само еден израз, цитат, или само еден единствен збор.

Но, татко без машки деца е мутација.
Неговото име ќе шета од едно до друго уво низ чист женски шепот
артикулиран како сон без конфликт
што тешко ќе се запамти до утре.

Шест девојки; секоја од рожбите била неуспешна
како трговецот на злато
што се враќа дома само со свила и лековити чаеви.

Без машко дете во семејството,
нема река да ги однесе токсичните отпадоци
од неговата црно–бела лутина,
нема кој да ја предвиди војната во коските на јарецот
жртвуван за вечера;
– нема војни, ни рожби или умирачки
кога животот венее во мир.

Неговата клетка е пештера
исцртана со наивни шари од јаглен:
ловецот против ѕверот, ловецот против природата,
сè додека не се појави една жена крај огништето.
Тогаш неговата моќ се преселува од мускулите во очите
и аголот на стрелата се менува.

Ова е крај на ледената доба
и крајот на јаснотијата
И постои една тајна што ги гаси мажите однатре
како Ѕвездите Џуџиња,
претворајќи ги од жолти во бели
а потоа … црни, како дамка во свемирот.
Без машко дете за да ја наследи татковата тајна…
не самата тајна
туку уметноста на самотијата.

Превод од албански јазик Ресул Шабани