Можеби е миг да се спуштат знамињата

И возбудените војници да ги исчистат мечевите

Пред конечно да ги смират во каниите

Како што некогаш во цивилните денови

Во прегратка смирувале плач на сакана жена,

А идните патници да ја разгледаат мапата на пловидби

Која е завршена и на оние што допрва ги чека.

Пловидбите се како годишни времиња.

Зимата во пештера, меѓу ѕверовите и свињите,

Пролетта со убавите речни нимфи,

Летото на дебелото море

Есента во разбивање по растурените острови.

Жртви ќе бидат поднесени, ќе видиме кои.

Можеби е миг

На советот да се чујат сите гласови, да

Проговорат и оние кои никогаш не зборувале,

Да замолкне оружјето што никогаш не молчело.

А жртвите ќе се бројат до следните војни.

И ралата ќе ја мешаат киселата земја

Со понекоја зафрлена коска.

Жените се подготвуваат да ја напуштат историјата,

А совршените оправдувања ги напуштаат големите битки.

Мажите не се кај пренаселените куќи,

А децата трагаат по причините кои ќе ги

Претворат во татковци на семејства.

 

 

Превод: Никола Кукунеш