И ако ми е душата од камен зошто ли тој минерал го сонува твоето тело?
И ако ми е душата од камен зошто ли тагата
ја зазема формата на некој далечен вулкан
и избива во празното со неговата ерупција?

Не оставај го каменот на милост и немилост на ноќта
и не чекај песната да стигне до твојата осаменост,
ќе дојдат доцните пулсови да го замолкнат зборот
и некои мртовци ќе си се сместат во огнот од тоа чекање.

Никогаш тишина
музика секогаш
зборовите секој ден ѝ приоѓаат на твојата жед
со нивните плачливи поуки.
Сме го згрешиле светот и со тајна неказнетост
не го преведуваме во минералот
јазикот на грешките и боите на пропаста.

Чекај го каменот
тој што те чекаше баш овде дури не се стори камен
истиот тој што се кова и станува плоснат.
Никогаш тишина
музика секогаш
денот го носи крајот
и гласот кој бега.
Ден по ден каменот се откршува
од животот.

Превод од шпански јазик Никола Ѓелинчески