Не е време за промени.
И од кога паметам
никогаш не постоело такво време.

Куќата запира. Можеби сè е лажно,
дивите круши, бурмите, комбето за млеко…
застанатите деца како плетачките игли
во едно сако без ревер
што чекаат следна шанса.

Обично, од генерација на генерација, како хемофилија,
промената се наследува по машка линија.
Мажите можеш да ги познаеш само по профил –
како лицето на Цезар, со ловоров венец на глава,
со вперен поглед кон загубата,
исковано засекогаш на римска монета.

Додека жените
не забораваат навечер да запалат светло на верандата,
светилката опкружена од комарци,
со вербата дека ќе се случи
што е напишано да се случи.

Превод од албански јазик Ресул Шабани