Веќе не ме интересира иднината.
Седам во потстанарската соба,
мислам на онаа жена поради која
ја напуштив другата, која ме сака.
И јас, се разбира, ја сакам, сепак
ја напуштив неа, зашто другата,
која не ме сака, јас повеќе ја сакам.
Ако повеќе ја сакав неа,
која ме сака, подобро ќе ми беше.
Дека другата не ме сака:
тоа го знам, но не ме интересира.
Кога таа би ме сакала, подобро ќе ми беше,
но на другата, која ме сака,
нејзе ќе ѝ беше полошо.
Неа ја теши дека другата
не ме сака, но мене ме теши
тоа дека таа барем ме сака.
Тогаш каква корист имам
од другата, се прашуваме.
Глупо прашање. Секогаш е потребна
една друга, која не нè сака.
Ова е динамизам.
Животот не е ништо друго туку струја
на различна љубовна количина.
Понекогаш доаѓа рамнотежата: некоја
токму толку ме сака како јас неа.
Тогаш се шири смртен мирис.
Треба да избереме: здодевност или страдање.
Потоа страдањето ни здодева
и му се враќаме на оној што нè сака.
Се разбира, ние сè уште го сакаме другиот,                                                                                                                              но сега барем некој нè сака.
Зашто заборавив да кажам дека
Ако никој не нè сака, и тоа е смртно.
Тогаш му се враќаме на едниот,
Седнуваме со него пред телевизијата,
се обидуваме да не помислиме на другиот.
Кога едниот учесник замолчува,
може да се чуе дека под фотелјата
мрда рудата завиткана во мрсна хартија,
гребе правливиот цимбал.

 

Превод: Паскал Гилевски