Зад стаклото итаат риби како багаж на лента.
Баракуда и бела ајкула наспроти спокојни јата,
небаре овчари на стада. Дури тешко е да се поверува:
никој никого не плаши, не брка, не јаде.

Услов за оваа хармонија е сокриената изолација.
Огромен басен ги дели провидните ѕидови.
Мрзливите грабливци кружат по други маршрути
не по нивните ранливи како тацни од порцелан сестри.

Во нас исто искрички светлина соседуваат со грозата,
радоста безобѕирно блеска пред челуста на ајкулата

која не ја голта – како да ѝ се сонила.
Но незабележливо од зелената длабочина
се откинува и расте издолжена сенка,
и најдебелите стакла ги сече риба пила.

Од кај да погледнам, за да те видам?
Од блиску или од далеку? И од кое време?
Кога се поттргнувам, обидувајќи се да те опфатам
од глава до пети, како слика на штафелај,
чувствувам дека ти ме опфаќаш
променуваш, додаваш боја, ме одземаш.
Еднаш ти гледам в очи, еднаш со твоите очи,
кога спиеш или кога те сонам,
повторно барам детали – во предметот, гестот, зборот,
нека како пупка се отвори и те избувне тебе.
Толку различни гледишта, а јас стојам во мртва точка,
заплеткана во конец, кој сакав да го поврзам.
И не знам дали си во тој конец
или во сјајот на ножиците, кои ќе го пресечат.

Превод од полски јазик Звонко Димоски